Ковачевски сака да гради мостови со Софија, ја предупредува ЕУ да не одолговлекува – ММС
ММС

Објавено на: 02/5/22 11:09 AM

Ковачевски сака да гради мостови со Софија, ја предупредува ЕУ да не одолговлекува

Во интервју за МИА после неговата прва работна посета на ЕУ и НАТО, премиерот Ковачевски инсистира дека неговата влада сака да вложи максимален напор за разбирање меѓу Скопје и Софија, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Во разговорот новоименуваниот премиер на Северна Македонија со огромна внимателност одговара на сите прашања поврзани со Бугарија и деблокирањето на процесот во Европската Унија.

-Она што го направивме на почетокот на мандатот на оваа Влада, и практично на почеток на мандатот на бугарската Влада, само неколку денови практично беше временската дистанца на формирањето на новата влада во Република Бугарија и во нашата држава, беше што премиерот на Бугарија ја посети нашата држава, тоа беше негова прва официјална посета на друга држава, тоа беше на вториот ден од мандатот. Ние таму имавме искрен разговор на таа средба каде што се согласивме дека во подолг период во минатото дискусијата помеѓу двете држави беше водена од страна на пропагандисти коишто креираа атмосфера на недоверба помеѓу двете општества, наведува Ковачевски.

За таа цел псочува дека беше договорена заедничка владина средба во Софија која што се одржа веднаш наредната недела и на којашто формирани работни групи во областа на економијата, на инфраструктурата, образованието, културата, европските интеграции. Секако, псоочува, таму беше и историската комисија. Работните групи треба да работат на теми коишто можат да имаат видливи бенефити за граѓаните, за компаниите, за образовните институции, за културните институции во двете држави. Бидејќи не можете да изградите заеднички став со друга страна со која не комуницирате, со која не комуницираат релевантните фактори во општеството и низ која комуникација граѓаните не можат да видат дека работите се движат во позитивна насока.

За таа цел, вели Ковачевски, комисијата за економија веќе ги одржа првите состаноци коишто се случија во Скопје на почетокот на оваа недела. На секои седум дена ќе работат различните комисии. Веќе се потпишани меморандуми во областа на инфраструктурата, во областа на земјоделието. Веќе имавме и прва конференција помеѓу научни институции којашто се случи минатиот викенд.

-И такви активности ќе следуваат со цел и преку медиумите да се пратат вистински информации коишто се однесуваат на односите помеѓу две соседни држави и да може и самата заедница, бидејќи на пример во комисијата за економија учествуваа во работата и стопанските комори, претставниците на бизнис заедницата, коишто ова можат да го искористат како начин да ја зголемат соработката меѓу себе. Паралелно нормално се одвива и процесот на разговори за политичките прашања коишто се отворени, тоа се води на ниво на министерството за надворешни работи. Таму се работи на работни документи коишто не е добро да се споделуваат со јавноста со оглед на тоа дека не се официјални документи прифатени од двете страни, меѓутоа кога ќе имаме решение коешто е на ниво на експерти прифатливо, тоа сигурно ќе биде презентирано како на јавноста, така и на институциите коишто се задолжени за одобрување и прифаќање на такви документи согласно со законите и со уредувањето на двете држави, посочува премиерот Ковачевски.

За него е од голема важност да се изнајде рамнотежа помеѓу квалитетно и брзо решение, стратешката цел на полноправно зачленување во ЕУ останува највисок приоритет на оваа влада.

Надежите се дека до крајот на француското претседателство на 30 јуни блокадата ќе се крене од бугарска страна благодарение на јасен патоказ заснован на разбирање и компромис помеѓу сите страни, но Ковачевски одбива да лицитира со датуми, знаејќи дека Северна Македонија пречесто се удри од тој ѕид.

-Рамката која што ја поставивте како прашање нормално дека во текот на процесот треба да излезе некаква рамка којашто јас не ја гледам како некаков формален документ на хартија, што на крајот на денот веројатно и ќе биде ставено, меѓутоа рамката треба да претставува адресирање на отворените прашања помеѓу двете страни. Она што исто така го разговаравме тука е дека решението на прашањата треба да биде во духот на европските вредности, на взаемно почитување помеѓу двете држави и на задржување на достоинството на граѓаните и во едната и во другата држава. Кога ќе имаме такво решение тогаш ќе можеме да кажеме дека е нешто што може да се сподели, јас не би се врзувал за датуми. Јас велам дека ни треба брзо решение со оглед на тоа дека сме заслужиле отворање на преговорите со ЕУ, но секако не ни треба избрзано решение бидејќи решението коешто ќе се постигне треба да претставува основа за иднината пред нас како за добрососедските односи, така и за водење на преговорите и полноправно членство во ЕУ, вели премиерот на Северна Македонија во интервјуто за МИА.

И уште еднаш упатува порака до европските партнери дека одолговлекувањето на процесот не само што го заморува општеството кое губи посветеност, како што вели тој, туку и отвора врата за други големи сили кои не се заинтересирани Северна Македонија, и целиот регион, да се приклучат кон ЕУ.

Ковачевски одбива исто така да коментира изјави кои не водат кон добрососедски односи, било од бугарска или од македонска страна. Тој се надева дека историската комисија, како што најави самата, ќе ја забрза работата, и паралелно уверува дека атмосферата во ЕУ институциите кон Северна Македонија е охрбарувачка.

-Навистина добив многу позитивни сигнали и посветеност на институциите да се отпочне со преговори со ЕУ за Република Северна Македонија. Секако дека тие имаат свои принципи врз основа на коишто работат. Меѓутоа јас сум уверен дека тука постои високо ниво на посветеност Република Северна Македонија да ги отпочне преговорите и притоа да ја добиеме целата поддршка што е потребна за спроведувањето на реформите кај нас, коишто се потребни не само за отпочнување на преговорите туку се потребни за зголемување на квалитетот на животот кај нас, подобрување на нивото на услугите што граѓаните ги добиваат, и подобрување на сите сфери на живеење во државата.

Што се однесува до шпекулациите дека ЕУ прави притисок – политички, економски, финансиски – врз Бугарија, премиерот целосно се оградува и не сака да зборува за „притисок” врз соседна Бугарија.

-Јас не можам да дадам коментар во однос на тоа бидејќи сепак јас ја претставувам Република Северна Македонија тука, мислам дека не би требале да зборуваме за притисок тука бидејќи јас и премиерот на Република Бугарија имаме комуникација што е позитивна, којашто се базира на меѓусебна доверба и на меѓусебна почит, и состаноците коишто јас ги имаме со претседателите на институциите во ЕУ и тој има исти такви состаноци, на коишто ние споделуваме она што го прават нашите работни групи и коишто се движат во позитивна насока во однос на соработката и во однос на враќањето на довербата меѓу двете држави, рече за МИА премиерот Димитар Ковачевски во неговото прво интервју од Брисел.

МИА