Бруто домашниот производ во второто тримесечје од 2018 година бележи раст од 3,1 отсто, ова се официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Имајќи предвид дека во последниот квартал од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 економијата бележеше пад од – 1,3 отсто, за нешто повеќе од една година, Владата предводена од СДСМ со успешните економски политики успеа да ја стабилизира економијата и да ја придвижи во вистински правец, се вели во соопштението на владејачката СДСМ.
Она што е многу важно, јасно е дека придвижувањето на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО позитивно влијае врз економијата. Како што Македонија се доближува до ЕУ и НАТО така расте и економијата. Таквиот процес дополнително ќе се интензивира по влезот во НАТО и по започнување на пристапните преговори за членство во ЕУ, стои во соопштението.
Исто така потенцирано е дека со влезот во ЕУ, Македонија станува дел од пазар од 500 милиони потрошувачи, македонската економија станува поконкурентна, се отвораат можности за повеќе инвестиции, нови работни места и засилен економски раст.
Тоа се само дел од економските придобивки од интеграцијата во ЕУ и НАТО. Затоа, сите граѓани на 30 септември треба да излезат на референдумот за иднината и да заокружат ЗА повеќе инвестиции и повисок животен стандард, да заокружат ЗА европска Македонија, стои во соопштението.
На ова реагираше и опозиционата ВМРО – ДПМНЕ кои велат дека економијата повеќе од 15 месеци тоне. Нема реален напредок, а граѓаните се се посиромашни. Единствена светла точка се странските инвестиции, кои дојдоа во државата и отворија голем број на работни места благодарение на добрите политики на ВМРО-ДПМНЕ.
Странските инвестиции се моторот на економијата и фактор кој продуцира додадена вредност. Сите други сектори тонат поради неодговорните политики на власта, стои во соопштението.
Власта го гуши реланиот сектор, наместо поддршка за домашните компании кои произведуваат и се извозно ориентирани гледаме како владата преку Фондот за иновации дели грантови на партиски функционери, дели милионски тендери на ново формирани фирми и дава лиценци за спроведување возачки испити на фирми без ден работни искуство во областа.
Компаниите се понижени и немаат простор за работа, а граѓаните се соочуваат со реално намален стандард. Стоките и услугите се поскапи, а платите не само што не се зголемуваат туку и се намалуваат.
Градежништвото е во застој, а процентот на реализација на капитални инвестиции од почетокот на годината заклучно со месец јули изнесува само 21.33%, што е историско најниско ниво и е показател на целосна неспособност на извршната власт.
Република Македонија во изминативе 15 месеци доживува само порази. Оваа агонија не смее да продолжи. СДСМ мора да си замине. Државата мора да тргне напред, порачува опозиционата ВМРО – ДПМНЕ.