„Снаа ми на себе имала накит вреден седум илјади евра“ – МВР откри каде е златото од загинатите во автобуската несреќа во Бугарија – ММС
ММС

Објавено на: 02/4/22 4:34 PM

„Снаа ми на себе имала накит вреден седум илјади евра“ – МВР откри каде е златото од загинатите во автобуската несреќа во Бугарија

Роднините на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија после два месеца ќе можат да си ги земат предметите од своите роднини.

Министерството за внатрешни работи за ММС откри дека попладнево почнале да се контактираат роднините на загинатите во несреќата која се случи на 23 ноември минатата година, а во која животот го загубија 45 македонски државјани откако се запалил автобусот на „Беса Транс“ на враќање од Истанбул кон Скопје.

Откако ќе бидат контактирани, роднините ќе бидат повикани во МВР во текот на викендот да дојдат да ги видат, да ги препознаат и да си ги преземат предметите меѓу кои има и скапоцен накит вреден десетици илјади евра.

„Согласно Наредба од Јавен обвинител, МНР го предаде целокупниот материјал на МВР. Истиот е сместен во соодветна просторија каде што беше отворен и сите предмети попишани. Целата постапка беше соодветно документирана. Денеска се контактираат роднините, кои ќе имаат можност да ги видат, препознаат и преземат предметите во текот на викендов“, рекоа од МВР за ММС.

Роднините на загинатите и преживеаните во автобуската несреќа на „Беса транс“ на магистралата Струма пред Окружниот суд во Перник пред еден месец побараа паралелна истрага за несреќата, односно бараа повеќе информации за накитот вреден неколку илјади евра кој го имале жртвите во изгорениот автобус на „Беса транс“.

Еден од роднините на загинатите, Кјамуран Пајазитовски изјавил дека има докази дека неговата снаа за време на патувањето со себе имала накит вреден седум илјади евра.

– Златото не гори, нашите власти треба да ни кажат дали имаме злато, сочуван багаж или пари, изјавил Пајазитовски тогаш за БНТ.

ММС веднаш после барањето на роднините испрати прашања до Министерството за надворешни работи до каде е постапката со враќањето на скапоцените предмети, а оттаму дури неделава ни одговорија дека тие се препратени во депото на МВР.

“Во врска со предметите кои беа преземени по трагичната сообраќајна несреќа која се случи во Република Бугарија на 23.11.2021 година, информираме дека Амбасадата на Северна Македонија во Софија, согласно утврдена постапка од бугарски правосудни органи, ги проследи предметите до Министерството за надворешни работи. Веднаш по што, МНР ги извести домашните надлежни институции, Обвинителството и Министерството за внатрешни работи, со кои е во постојана комуникација и соработка. Предметите одредено време се наоѓаа запечатени во специјална просторија на МНР, каде се утврди фактичката состојба, односно се изврши увид од страна на надлежните институции, и на 26-ти јануари 2022 година, согласно наредбата на надлежниот Јавен обвинител, предметите беа преземени од страна на надлежни службени лица на МВР, за натамошна правосудна постапка и постапка за предавање на истите до сопствениците или законските наследници“, рекоа од МНР.

Од Националната истражна служба на Бугарија минатиот месец како главна верзија за несреќата ја утврдија неусогласената брзина со постоечките услови на патот и нагласија дека патната инфраструктура ги исполнува стандардите. Доколку се утврди дека единствениот виновник е возачот, тогаш кривичната постапка ќе биде прекината.

Роднините на загинатите ќе имаат право на побарувања од осигурувањето на возачот. Побарувањата ќе бидат поднесени во Бугарија, каде лимитите се согласно европските стандарди и се речиси 20 пати повисоки од тие во Северна Македонија.

Орце Костов

фото: МИА