Националните радија и НРД заеднички бараат решение за огромните расходи за струја – ММС
ММС

Објавено на: 02/4/22 3:08 PM

Националните радија и НРД заеднички бараат решение за огромните расходи за струја

Огромните сметки за струја кои го загрозуваат идното работење на националните радија, кои имаат во моментов неодржлив предавателен систем. Сметките за струја за еден месец се движат меѓу 5000 и 7500 евра, што е поголем од месечните пригоди. Поради тоа, денеска во име на националните радио станици, управителот на Канал 77, Виктор Гаврилов одржа средба со раководството на ЈП Национална Радиодифузија, која од радиостаниците наплаќа за потрошената струја за користење на предавателниот систем.

Според директорот на НРД, Ендрин Кадриу, и самото јавно претпријатие, кое е зависно од електрична енергија,  има голем проблем со  високата цена на струјата. Нивните пресметки покажале дека ако остане оваа цена, НРД за струја ќе треба да плати повеќе од еден годишен буџет.

Виктор Гаврилов ја пренесе оценката на националните радио станици, дека без помош од надвор, радијата нема да можат уште долго да функционираат во сегашна форма и продукција. Дополнително, овие медиуми се оштетени со тоа што петте комерцијални национални телевизии добија владина помош од пакетите мерки, на кои од државниот буџет им беше платен надоместокот за мултиплекс. За радијата не само што не беа издвоени средства, туку и АЕК одби да постапи по владината уредба и им ги наплати парите на радио станиците со закана дека ќе им ги укине дозволите за работа.

Директорот на НРД, Кадриу на средбата рече дека го разбира проблемот на националните радио станици, меѓутоа како претпријатие, чиј буџет доаѓа од државниот, ќе треба проблемот заеднички да се адресира до Владата.

Национални радијата се едни од најпогодените со високата цена на струјата. Законски имаат обврска со предаватели да покријат минимум 80% од територијата на државата, што подразбира голем број на предаватели и трошоци за струја. Состојбата е алармантна и без помош од надвор, опстанокот станува се’ понеизвесен.