Или минималец од 18.000 денари или генерален штрајк-порача Синдикатот на денешниот предупредувачки протест – ММС
ММС

Објавено на: 02/4/22 3:01 PM

Или минималец од 18.000 денари или генерален штрајк-порача Синдикатот на денешниот предупредувачки протест

Во центарот на Скопје денеска Сојузот на синдикатите на Македонија денеска ја блокираа улицата пред Организацијата на работодавачи на Македонија и Стопанската комора во центарот, во знак на незадоволство од предлогот на работодавачите за методологијата на минималната плата, според која, таа треба да изнесува 16.164 денари или за 1.000 денари повеќе од сегашниот износ.

За ССМ, предлогот на ОРМ е неприфатлив,  бидејќи Синдикатот бара минималната плата да изнесува 18.000 денари и скалесто зголемување на другите плати.
„Доста беше да им бидеме слуги на работодавачите. Со 15 илјади денари не можеме да го поминеме месецот. Во џебовите на работодавачите завршуваат 60 проценти од профитот. Мора да престане и исплатата на плата во плик затоа што нашиот работник утре ќе биде пензионер и ќе стане социјален случај“, порачаа синдикалците.
Најавија дека доколку денеска попладне на седница на ЕСС не бидат прифатени нивните барања за зголемување на 18.000 денари, ќе организираат генерален штрајк и други облици на притисок како блокирање на улици и фабрики. А, на 10 февруари, за кога е закажана собраниската седница, на чиј дневен ред е Предлог-законот за измени на Законот за минимална плата, ќе организираат собир пред Собранието.
„На потег се Владата и работодавачите. Работникот зема 15 илјади денари, а минималната потрошувачка кошничка е 35 илјади денари. Пораката е егзистенција, ништо повеќе“, изјави претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Според него, со зголемувањето на минималецот бенефит ќе имаат и работниците и работодавачите и државата. Работникот ќе добие достоинствена плата за да го помине месецот, работодавачите ќе добијат мотивирани работници и ќе ја зголемат продуктивноста, а државата по основ на придонеси на месечно ниво ќе има прилив од 2.750.000 евра од 110.000 работници кои сега земаат минимална плата.