Не гледам проблем во тоа некој од нашите соседи да искажува пиетет кон еден од камен-темелниците на нашата државност, без оглед дали постои или не формална одлука за заедничко одбележување на личноста и делото на Гоце Делчев. Во услови кога комисијата се уште нема дојдено до заедничка формулација на ова е чин на добра волја од двете страни кој ќе помогне за намалување на тензиите кои уследија по бугарското вето, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски.
За изјавата на Петков дека постојат сили кои не сакаат развој на добососедски односи меѓу двете држави дадена како коментар за посетата на делегација на здруженија на Македонци од Бугарија, претседателот Пендаровски смета дека таа не ја влошува ситуацијата, нагласувајќи дека треба да се има предвид и внатрешниот контекст кај соседот, бидејќи вели, откако е премиер реториката на Петков е како да зборувам Мандела, ако го споредите со тоа што зборуваа неколкумина министри од претходната влада на Борисов.
– Во однос на изјавата на Петков јас мислам дека тој не оди на личност, не оди навредливо. Не оди со реторика која, ако паметите колку до вчера беше стандардна дневна рутина посебно за некои министри од претходната бугарска влада. Да ви кажам најискрено од она што го слушам од Петков последниве недели од кога е премиер е како да зборувам Мандела, ако го споредите со тоа што зборуваа неколкумина министри од претходната влада на Борисов во која имавме дневна количина на навреди и кон нас и како народ и нација. Не мислам дека ја влошува состојбата. Мислам дека се држи до тоа што му е надлежност и се разбира имаат и тие внатрешен политички контекст како и ние што имаме и треба да гледате и дека има таква внатрешна една конотација секоја негова изјава. Инаку, стриктно говорејќи во договорна смисла владите преговараат меѓународни договори, владите потпишуваат, владите имплементираат. Претседателите се тука да помогнат во создавање на амбиент за да се дојде до договор. Сега, ако работиме лошо можеме и да одмогнеме. Јас се надевам дека помагаме, оценува Пендаровски.
Одлуката Бугарите да се вметнат во македонскиот Устав, нагласи тој, ќе биде автономна самостојна одлука на македонските институции.
– Мешање е секое барање кое доаѓа од надвор за поредок на нашиот правен и политички систем. Мешање е во принцип мешање. Меѓутоа, паметите, ние ставивме делови од народи во нашиот Устав тргнувајќи од Рамковниот договор. Никој во тоа време не не тераше од надвор да ги ставиме Власите, Србите, Бошњаците, Турците. Сами те решивме дека е тоа добро за поголема кохезија во македонското општество. Така и сега, ако ние тука јас и тие што ќе бидат во тоа време на власт, на некоја позиција да одлучуваат ако ние решиме дека е тоа подобро не само Бугарите, Црногорци, Хрвати итн., за зголемување на кохезијата, меѓусебната разбирачка, живееме во иста држава, тие се наши граѓани, Бугарите во Северна Македонија се и наши граѓани. И се и моја надлежност. Ако ние решиме дека е добро да ги ставиме во Уставот ќе ги ставиме во Уставот ама тоа ќе биде автономна самостојна одлука на македонските институции, дециден е Пендаровски.
Во појаснување на неговиот коментар за изјавите на Петков, тој нагласи дека средбата со делегацијата на ОМО Илинден Пирин воопшто не оди против Договорот за добрососедство од 2017 година.
По однос на најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поднесе посебна декларација за Делчев, тој смета дека нема потреба за посебна собраниска декларација и оти доволна е во таа насока Декларацијата која сите партии ја поддржаа во Парламентот за нашите црвени линии и, вели, кога зборувате во таа Декларација за црвените линии и во однос на она што ни е клучно – идентитетот тоа го опфаќа и Гоце Делчев.
МИА