Јапонскиот амбасадор во земјава Севада Хиронори денеска потпиша договор со директорот на Универзитетска клиника за радиологија и онкологија Никола Васев, за јапонскиот грант за Клиниката во вредност од 79.286 евра, наменет за обновување на одделот за брахитерапија и радиотерапија. Грантот се доделува во рамки на јапонската програма ГГП.
– Со грантот ќе се обнови одделот за брахитерапија и радиотерапија, обезбедувајќи побезбедна, почиста и похумана средина за пациентите кои се борат со оваа тешка и животозагрозувачка болест. Денеска е Светски ден за борба против ракот што годинава се слави под слоганот: „Затвори го јазот на грижата“ , со цел на сите човечки суштества да им се обезбеди еднаков пристап до грижа и ресурси за борба против ракот“, нагласи Хиронори.
Според него, ГГП е еден од столбовите на стратегијата за соработка со С. Македонија. Од 1996 година досега, Јапонија со вкупно 7,8 милиони евра има поддржано 158 ГГП проекти во секторот здравство, образование и животна средина.