Ова го утврдил извештајот на Државната ревизија направена за 2020 година, која нотирала и повеќе неправилности во работењето, вклучувајќи и ненаплатени услуги.
По извршената ревизија на сметката од средствата од Фондот за здравствено осигурување, Државна ревизија се воздржува од давање мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и изразува резерва за усогласеноста на трансакциите со законските процедури. Ревизијата констатира дека Државната клиника за кардиохирургија има остварено 37% здравствени услуги од договорениот годишен обем со ФЗОМ, поради што оваа Клиника во 2021 година е во категоријата на неодржливи здравствени установи.
На другата сметка, за сопствени приходи, од наплатата на услуги што не се на товар на Фондот, исто така Државна ревизија изразува резерва во вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи. Во генералните заклучоци утврдува недоследности и недоволна контрола на набавките, несоодветен попис на побарувањата, не се знае кое време се направени, ниту се преземени активности за нивна наплата. Исто така, ревизијата утврдила недоследности во исплатата на надоместоци за странските едукатори. Не само што на едукаторите од странство им е исплатено повеќе средства од тие што биле предвидени, дополнително се трошени средства за провизија преку авторска агенција, наместо да се исплатат преку институциите. Ревизијата дополнително забележува дека нема записи кои можат да потврдат дека едукаторите навистина ја спровеле едукацијата за која биле платени, поради што постои ризик да се врши исплата и во услови на реализирана посета, стои во извештајот.
Со парите од Фондот, Клиниката ангажирала надворешни лица за работа и помош, меѓутоа со нив склучувала договори преку авторска агенција, кои се општи и нема спецификации за секој поединечно ангажиран, со што не може да се утврди дека исплатените средства се согласно договорот.
Во делот на јавните набавки, поради тоа што техничките спецификации не се дефинирани на неутрален начин, на повеќето се јавил само еден понудувач со кој е склучуван договор, без спроведување на електронска аукција.
Што се однесува до опремата, Државна ревизија нотира дека се работи за скапа и вредна опрема, чија вредност е утврдена, меѓутоа, не се преземени мерки за нејзино осигурување.
Просторот каде работи Клиниката, според ревизијата, е недоволен и со нерешени имотно – правни односи, констатира Државниот ревизор за работењето на Државната клиника за кардиохирургија.
Објавено на: 02/4/22 11:41 AM