Јавноста гневна дека премногу и попуштаме на Софија – Владата контра Комисијата за историја, која тврди дека „Македонците во Бугарија се факт“ – ММС
ММС

Објавено на: 02/4/22 12:32 PM

Јавноста гневна дека премногу и попуштаме на Софија – Владата контра Комисијата за историја, која тврди дека „Македонците во Бугарија се факт“

Заедничкото чествување на Македонија и Бугарија не ги смири страстите во нашето општество. Јавноста е гневна затоа што смета дека владата премногу и попушта на бугарската страна во билатералните односи и оддалеку тоа изгледа како да и се додворуваме на земја-членка на ЕУ која неколкупати ни стави вето за почеток на преговорите.

Во таа насока е реакцијата на владата, односно на министерството за надворешни работи кое во име на македонската и бугарската влада на ставот на историчарот Драги Ѓорѓиев дека „Македонци во Бугарија има и тоа не може да се негира“ преку соопштение реагираше дека тоа не било државен став, туку само лично мислење од член на Комисијата за историски прашања.

“Постојат таму Македонци, јас имам пријатели кои се Македонци, а кои живеат во Бугарија, и тоа е факт. На кој начин тоа ќе се надмине, тоа е веќе политичко прашање за кое јас не би сакал да навлегувам, меѓутоа она според мене кое што ја боли македонската јавност во однос на тоа прашање е недостатокот на реципроцитет и чувството дека Бугарија го диктира внатрешното уредување на Македонија во контекст на тоа бугарско малцинство овде, додека на македонската страна апсолутно не ѝ е дозволено да направи ништо за Македонците во Бугарија, вели еден од копретседавачите на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, професорот и историчар Драги Ѓорѓиев во емисијата „Топ тема“.

МНР смета дека Комисијата е важен елемент за исполнување на Договорот за пријателство од 2017 година и дека по последните јавни настапи таа е нераздвоен дел од имплементацијата на договорот.

„Ја разбираме потребата на членовите на Комисијата, особено на нивните Копретседатели, јавно да ги изложуваат нивните погледи и ставови, но истите притоа не треба да се толкуваат како државни позиции, ниту, пак, како дел од политичките ставови на двете Влади. Оттука двете Влади уште еднаш ги повикуваат сите фактори, вклучувајќи ги тука и членовите на Комисијата за историски прашања, за одржување на веќе договорената динамика на активности, која соодветствува со новиот интензитет на засилена комуникација меѓу двете држави, со цел да се искористи новиот моментум за соодветно надминување на разликите меѓу двете земји и откочување на процесот на европски интеграции на Северна Македонија“, велат од МНР без објаснување зошто повикуваат во име на бугарската влада.

Дека пред двете соопштенија им претходел телефонски разговор меѓу двајцата министри за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, покажа и ставот на директорот на прес-центарот на бугарското Министерство за надворешни работи, Митко Димитров на посебен брифинг по повод неодамнешните јавни изјави на копретседателот на Заедничката комисија за историски и образовни прашања од страна на Република Северна Македонија реагираше со истите зборови.

„Како независни научници и експерти, членовите на Комисијата имаат право да ги кажат своите ставови, но тоа не ги обврзува владите на двете земји да носат одредени одлуки“, изјави портпаролот на бугарското МНР. Според Димитров, личното мислење на членовите на комисијата не соодветствува со ставот на двете земји.

Орце Костов

фото: Прес служба на влада