Светски ден на рак на црн дроб: Над 830.000 лица починале од оваа болест во 2020 – ММС
ММС

Објавено на: 02/4/22 10:33 AM

Светски ден на рак на црн дроб: Над 830.000 лица починале од оваа болест во 2020

Во 2020 година над 830.000 луѓе починале од рак на црн дроб, со што овој вид на рак е третата најчеста причина за смрт од рак на глобално ниво. Според СЗО, во Европа во 2020 година имало 98.787 лица со дијагностициран карцином на црн дроб и 89.130 починати од рак, што ја става Европа на високото 2 место во светот, после Азија.
Во последниве пет години на скопската Клиника за гастроентерохепатологија дијагностицирани се 355 пациенти со рак на црн дроб.

Минатата година е направен е значаен исчекор во превенцијата, дијагностиката и лекувањето на рак на црниот дроб. За прв пат беше лансирана Национална декларација за борба против рак, како дел од европскиот план за борба против ракот, со посебен осврт на ракот на црниот дроб и потребата од персонализирана медицина за негова превенција, дијагноза и третман во нашата земја.

Ова, по повод Светскиот ден за борба против ракот, 4 февруари, го соопшти Координативното тело за борба против хепатоцелуларниот карцином кое го води Клиниката за гастроентерохепатологија и клиниките за радиотерапија и онкологија, инфективни болести и фебрилни состојби, дигестивна хирургија, Хепар Центар Битола, ГОБ „8 Септември” и Министерството за здравство.

„Голема придобивка е и набавката на современа терапија за лекување на хепатитис Ц, како и за третман на рак на црниот дроб. Се имплементираа и најсовремени дијагностички мерки за рана детекција на рак на црниот дроб. Годинава активностите на Координативното тело се насочени и кон тоа за прв пат црнодробниот карцином да се вклучи во програмата за рана детекција на малигни заболувања во нашата земја, која треба да стартува со поддршка на Министерството за здравство, Канцеларијата на СЗО во Скопје и ЕЛПА“, стои во соопштението на Хепар Центар Битола.