Ковачевски: Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност – ММС
ММС

Објавено на: 02/4/22 10:29 AM

Ковачевски: Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност

Оваа година се навршуваат 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, век и половина почит и слава кон животот и делото на великанот на македонското национално револуционерно дело, напиша премиерот Димитар Ковачевски во пораката со оддавање почит и слава кон делото на инспираторот и водачот на македонската револуционерна организација.

– Денеска, на 4 февруари на денот на раѓањето на Гоце Делчев се сеќаваме и оддаваме почит на неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност. Како инспиратор и водач на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство и сплотеност на сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност во политичките предизвици пред кои беше исправено прашањето за создавање на самостојна држава. Гоце Делчев највисоко го издигна неговиот интернационален и космополитски поглед со мислата „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите”. Оваа негова порака до денес не изгубила од својата актуелност и го вбројува Делчев во редот на светските хуманисти, напиша премиерот Ковачевски.

Идеалите и заложбите на Делчев, како што истакнува Ковачевски, се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја.