Откриени фалсификувани банкноти од 2.000 денари, апелира НБМ, со совети како да се препознаат – ММС
ММС

Објавено на: 02/3/22 2:44 PM

Откриени фалсификувани банкноти од 2.000 денари, апелира НБМ, со совети како да се препознаат

„Забележана е појава на фалсификувани банкноти од 2000 денари, за што е известено и МВР за преземање активности, со цел да ги заштити граѓаните и правните лица“, сопшти Народната банка и укажува на начинот на кој може лесно да се провери дали станува збор за фалсификат.
Појавениот тип на фалсификат е изработен на обична (комерцијална), двослојна хартија која при допир значително се разликува во дебелината, цврстината и еластичноста во однос на оригиналната.

Оригиналните банкноти содржат високософистицирани заштитни елементи според кои граѓаните можат да направат разлика и да ја препознаат нивната автентичност. Фалсификуваната банкнота може лесно да се препознае ако се обрне внимание на основниот заштитен елемент, отпечатен со оптички варијабилна боја, што се наоѓа на горниот средиштен дел на предната страна на банкнотата.

„Овој елемент кај фалсификуваната банкнота воопшто не ја менува бојата со придвижување на банкнотата, додека кај оригиналните, со придвижување на банкнотата под одреден агол, може да се воочи како се менува неговата боја, од зелена во сина и низ елементот се појавува светлозелен прстен којшто симулира ефект на движење“, објаснуваат од НБМ.

Фалсификуваните банкноти може да се препознаат доколку се обрне внимание на водениот печат. Тој кај фалсификат е имитиран со основниот мотив со нијанса на жолтеникава и сива боја и е видлив, додека кај оригиналните банкноти е видлив единствено доколку ја поставиме банкнотата под извор на светлина.

„Доколку забележите фалсификувана банкнота, треба да се обратите до банките или до МВР, кои понатаму ќе постапат во согласност со своите надлежности“, велат од НБМ.