Сојузот на синдикати на Македонија најави (ССМ) дека утре од 13:30 до 14:30 часот ќе ја блокира улицата пред седиштето на Организацијата на работодавачи во центарот на Скопје, во знак на незадоволство од нивниот предлог за пресметка на минималната плата.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски за МИА изјави дека за нив е неприфатлив предлогот на работодавачите, според кој минималната плата би изнесувала 16.164 денари.
„Со она што го нудат, минималната плата во нето износ би била 16.164 денари што за нас е неприфатливо во никој случај, кога знаеме дека минималната синдикална кошничка изнесува 35.040 денари. Затоа, утре по завршување на седницата на Советот на ССМ, излегуваме со Претседателството и сите штрајкувачки одбори, на протест со блокирање на улицата пред седиштето на ОРМ и Стопанската комора на Македонија“, изјави Димовски.
Делегација на ССМ ќе присуствува на седницата на Економско-социјалниот совет закажана за 16 часот во Владата. Доколку не биде прифатено нивното барање за минимална плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на сите останати плати, ќе се организира генерален штрајк.
„Доколку во 16 часот не се прифатат барањата за минимална плата од 18 илјади денари и скалесто зголемување на сите плати, штрајкот ќе се роди пред овие две организации на работодавачи и во иднина ќе продолжи на нивна штета, бидејќи нема да дозволиме штетата да ја трпи само работникот“, истакна Димовски.
МИА