Шведска следната недела ќе ги укине ограничувањата воведени за спречување на ширењето на пандемијата и покрај рекордниот број заразени, бидејќи смета дека вакцинацијата со трета доза ќе ја задржи хоспитализацијата на прифатливо ниво.
Сегашните ограничувања, кои вклучуваат рано затворање на баровите и рестораните и ограничување на собири до 500 луѓе во затворени простории, беа продолжени минатиот месец до 9 февруари.
– Време е повторно да се отвори Шведска, рече премиерката Магдалена Андерсон на прес-конференција.
Таа додаде дека стапките на зарази ќе останат високи долго време, но, како што рече, „најлошите последици од инфекцијата се зад нас”.
Погодена од многу заразната варијанта Омикрон, Шведска постојано регистрира нови дневни рекорди на заразени, што го оптоварува здравствениот систем, иако помалку отколку во претходните бранови.
Кога започна пандемијата, Шведска избра посебен пристап, помалку строг отколку во другите земји, главно потпирајќи се на самодисциплината на луѓето во почитувањето на физичката дистанца и хигиенските мерки, но постепено почна да спроведува и построги ограничувања.
– Препораките за вакцинација и изолација на заразените дома ќе останат во сила, а ќе бидат многу построги за невакцинираните, изјави министерката за здравство Лена Халенгрен на прес-конференцијата.
МИА