Светлината од свеќата ги спаси сите, но не и Мурато – Алпинистот Борче Јовчевски после 32 години се присети како го загубил другарот – ММС
ММС

Објавено на: 02/2/22 7:54 PM

Светлината од свеќата ги спаси сите, но не и Мурато – Алпинистот Борче Јовчевски после 32 години се присети како го загубил другарот

Поминаа 32 години откако алпинистот Борче Јовчески од Велес го изгуби својот пријател, спортски другар, Димитар Илиевски Мурато на Хималаите под највисокиот врв во светот Монт Еверест.

По повеќе од три децении и големиот шок кој го доживеа тој и цела држава, Борче не се откажува од планините, снегот и минусните температури. Алпинистот е дел од спасителската служба на скијачкиот центар Попова Шапка која се грижи за безбедноста на скијачите и сноубордерите.

Борче Јовчески се присети како во месец мај 1989 година, Мурато го ставил знамето на нашата држава на највисокиот врв на светот и бил меѓу првите двесте кои се искачиле на највисоката точка на Хималаите. Во групата биле еден Словенец, еден Хрват, двајца Шерпаси, Мурато и тој. Борче одлучил да остане на четвртиот висински логор на 8000 надморска височина, а вечерта ја оставил свеќата запалена пред да легне во планинарската вреќа, која ги спасила алпинистите, но не и Мурато.

-Останав на четвртиот висински логор, по некоја случајност како да ми викаше нешто да не ја гасам свеќата пред да легнам во вреќата. Благодарение на таа свеќа, екипата со Мурато како се симнувале од врвот ја гледале само свеќата, односно ја прателе светлината од свеќата. Знаете како е кога се оди по снег навечер, не знаеш дали одиш право, лево или десно. Тие само ја следеле светлината од свеќата.Таму ние го загубивме Диме, кој исто така ја следел светлината од свеќата, но кога помислил дека се наоѓа блиску до шаторот седнал да одмори малку и кобно завршува ,тој не стана. Седнал да се одмори на околу 400 метри оддалеченост од шаторот, а тие 400 метри не се како тука, таму  се многу. Тука 400 метри ќе ги поминеш за две минути, а таму ќе поминеш неколку чекори за две минити. Ќе се замориш како да си поминал 400 метри, вели Борче.

Мурато како што ни раскажа Борче бил пронајден за десетина дена од страна на австриска експедиција.

Тој ќе биде запаметен и врежан во историјата на алпинизмот, затоа што за разлика од сега, пред 30 години да го освоиш Монт Еверст беше голем подвиг, додава Борче.

– Има голема разлика помеѓу сегашните искачувања и поранешните. На пример нашите искачувања беа алпинистички, сегашните се можам да кажам повеќе туристички.Ние одевме и сами си поставувавме јажиња и клинови. Сами ги тестиравме патеките, а сега тоа го прават агенциите и тие кои одат на Монт Еверест, не мора да бидат алпинисти.Тогаш ние се вброивме во првите 400 луѓе кои тргнаа за Монт Еверест, а двесте од нив се искачија, а во тие 200 се вброи Македонија и Мурато, додава Јовчески.

На своја 64 годишна возраст се сета опрема на ветер снег и магла, со скии ги контролира терените и беспаќето на Шарската убавица, која знае да биде многу сурова.

-Ние се грижиме за скијачите, имам чамец за повредените и друга разна опрема. Треба да се внимава, има многу метални санки, а некои скијачи возат малку со поголема брзина и на тоа треба да се внимава, раскажува Јовчески за ММС.

Трагедијата вели која се случила на Хималаите, не го спречила и понатаму да се дружи со планините.

-Не значи ако ти се случило трагедија, треба да се откажеш. Јас не престанав да се занимавам со алпинизам, се искачувам на карпи, на мразеви. Покрај тоа што сум алпинист, исто сум инструктор. Имам завршено школа спасителна во Бугарија, пред се поради моја безбедност, дека ако се случи нешто не може да чекаш некој да дојде, мора да ги направиш првите спасителни чекори, да се спасиш самиот, вели Борче.

Зоран Димовски