Обезбедени нови три илјади транспортни дозволи за домашните транспортери – ММС
ММС

Објавено на: 02/2/22 3:04 PM

Обезбедени нови три илјади транспортни дозволи за домашните транспортери

Правиме најголем исчекор во транспортниот сектор каде домашните транспортери добиваат нови три илјади меѓународни дозволи за превоз на стока, што е огромна придобивка за транспортните компании и цела домашна економија, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на состанокот со претставниците на транспортните здруженија Америт и Макам Транс.

Министерот потенцираше дека со приемот на Република Северна Македонија во Организацијата за црноморската економска соработка, се создаваат услови за олеснување на патниот транспорт во земјите на црноморскиот регион.

– Со членството во оваа организација Република Северна Македонија првпат добива три илјади транспортни дозволи од годишната квота за 2022 година од системот на ЦЕС. Придобивките се веќе евидентни и тоа се манифестира преку постепената либерализација на транспортниот пазар во земјите на овој регион. Дозволите веќе се прикачуваат во електронскиот систем за распределба на дозволи на Министерството за транспорт и врски и истите ќе им бидат на располагање на домашните транспортери од следната недела од кога ќе можат и да аплицираат за нив, рече Бочварски.

Како што информира Министерството за транспорт и врски, Бочварски, се заблагодари за соработката и потенцираше дека ова е голем, заеднички успех како резултат на политиките на Владата и транспортните здруженија.

– Претседателот на здружението Америт, Лефтер Андонов истакна дека со добивањето на овие нови дозволи, ќе се отвораат нови можности, нови пазари, се зголемува поврзувањето со нови потенцијални партнери од земјите членки на ЦЕС и се зголемува обемот на работа. Претставникот од здружението Макам Транс, Валерија Ташкоска, пак, го истакна задоволството од обезбедување на овие нови дозволи и на позитивните односи со транспортниот сектор со Република Буагрија во делот на процесот на либерализација на транспортот на стока, наведуваат во соопштение од Министерството за транспорт.

Оттаму посочуваат дека економската соработка со соседите е еден од клучните приоритети на Владата, а патниот транспорт во државата зема големо учество во креирање на бруто домашниот производ од околу 10 проценти и затоа, посочуват, добивањето на овие нови дозволи за превоз на стока е од големо значење.