Учениците и студентите од Македонија, Србија и Албанија сакаат настава во живо, покажа истражувањето на ИДУЕП – ММС
ММС

Објавено на: 02/2/22 1:45 PM

Учениците и студентите од Македонија, Србија и Албанија сакаат настава во живо, покажа истражувањето на ИДУЕП

Најголем број од младите во регионов или над 70 отсто, не сакаат да продолжат со онлајн настава и сметаат дека ниту тие, а ниту професорите, не вложуваат доволно напори за квалитетна настава преку интернет што резултира во ниско до средно ниво на стекнато знаење и несоодветна едукација.
Ова го покажува онлајн истражувањето на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) спроведено помеѓу ученици и студенти од Македонија, Србија и Албанија во текот на јануари 2022 година. Заедничкиот став на младите од трите земји е дека, помалку од третина од нив сака да продолжи онлајн наставата, а останатите се залагаат за настава со физичко присуство или за комбиниран хибриден модел.

„Само 14,6 отсто од младите во Албанија сакаат да учат онлајн, додека 44 отсто се за физичка настава, а 41,4 отсто се изјасниле за комбиниран модел. Во Македонија, 27 отсто од учениците и студентите се за онлајн модел, 41 отсто сакаа да се вратат во клупа, додека 32 отсто се за комбиниран модел на онлајн и физичка настава. Во Србија 21 отсто од младите, пак, повеќе сакаат да учат онлајн, 37 отсто се за настава во училиштата, додека 42 отсто посакуваат да имаат можност и за онлајн и за физичка настава“, стои во анализата.

„Главниот предизвик останува квалитетот на наставата, а сите учесници во оваа онлајн анализа јасно укажуваат дека сакаат дигитални реформи, но според урнек и навики на учениците и професорите. Тоа значи дека е потребно да се започне со еден инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени и слушнати сите чинители во образовниот систем“, истакна Бојан Кордалов, комуниколог и еден од авторите на оваа анализа.

Поделено е мислењето околу квалитетот на онлајн наставата, како и подготвеноста на наставниците и професорите за настава во новите услови за учење на далечина предизвикани од Ковид-19 пандемијата. Во просек и во двете категории голем процент млади сметаат дека наставата била неквалитетна, а професорите биле неподготвени, додека највисока оценка 5, дале нешто над 20 отсто од испитаниците. Најнезадоволни се младите во Албанија каде над 40 отсто им дале просечна или ниска оценка на професорите, а само 10 отсто сметаат дека тие добро ја извршувале онлајн наставата. Мислењата по ова прашање се најмногу поделени во Србија и Македонија каде речиси 30 отсто сметаат дека професорите не биле подготвени за онлајн настава, додека исто процент од 30 отсто испитаници дале највисока оценка на наставниот кадар.

Најсамокритични се младите во Албанија каде речиси 48 отсто не се задоволни од стекнатото знаење, додека над 47 отсто од младите во Македонија и Србија дале повисоки оценки во оваа категорија.