Фирмите да вратат дел од субвенциите, ако не ги вложиле парите-потсети Владата – ММС
ММС

Објавено на: 02/2/22 12:40 PM

Фирмите да вратат дел од субвенциите, ако не ги вложиле парите-потсети Владата

Компаниите кои добиле субвенција од шестиот пакет антикризни мерки, а не ги исполниле обврските, треба да вратат дел од парите. Компаниите треба да вратат 20 проценти од добиената сума, доколку го задржале истиот број на вработени или 50 проценти од поддршката ако имаат намалување на бројот на вработени.
Обврските, како што наведуваат од Владата, треба да бидат подмирени најдоцна до рокот за поднесување на завршнатата сметка за 2021 година.
„Се информираат сите компании, кои добиле финансиска поддршка преку шестиот пакет на мерки, а кои не го исполниле условот за претворање на финансиската поддршка во грант, со зголемување на бројот на вработени според ефективни работни часови за еден вработен, дека износите од 20 проценти од добиената поддршка за оние кои го задржале истиот број вработени, или 50 проценти од добиената поддршка за оние кои имаат намалување на бројот на вработени, треба да се извршат на буџетска сметка“, соопштија од Владата.

Шестиот пакет мерки на Владата беа донесени лани во април. Пакет од буџетот беше вреден 17,8 милиони евра и наменет за поддршка на дејностите кои беа целосно затворени, со цел превенирање на ширењето на корона вирусот во текот на месец април 2021, како и за подобрување на ликвидноста на компаниите кои инвестираат во текот на 2021 година.

Со пакетот беа опфатени 10.000 компании со вкупно 60.000 вработени. Од вкупната сума од пакетот,  9,9 милиони евра беа наменети за 6.000 угостители со околу 17.000 вработени. Со субвенциите се опфатија, ноќни клубови, ресторани, музичари, медиуми, туристички агенции, фитнес центри, детски одморалишта, фотографски студија, евент индустрија и пари за бесплатни ковид тестови за туристи.

М.Т.