„Плачам речиси секој ден, трпам психичко насилство од газдата“ – Мобинг има, но тешко се докажува, лани ниту еден работник не пријавил малтретирање – ММС
ММС
mobing

Објавено на: 02/2/22 11:28 AM

„Плачам речиси секој ден, трпам психичко насилство од газдата“ – Мобинг има, но тешко се докажува, лани ниту еден работник не пријавил малтретирање

Стравот, неможноста да се докаже психичкото малтретирање на работното место, долгите судски процедури, немањето синдикат, но и ковид пандемијата која направи пресврт во секојдневното живеење и работење на граѓаните, водат кон прашањето: Има или нема вознемирување врз работниците од страна на претпоставените?

Прашањето е на место, ако се земе  предвид дека во минатата година до канцеларијата за мобинг при Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) нема ниту една пријава за мобинг од страна на работник !

Како што изјавија од таму за ММС, состојбата била малку поинаква во 2020 година, кога имало 30 пријави за мобинг, од кои десет биле од вработени во јавниот, а 20 во приватниот сектор. Пет биле од жени, а 19 од мажи. Другите биле анонимни пријавувачи. Ниту еден пријавувач не бил член на синдикат. Статистиката на ССМ евидентира во 2013 осум пријави, во 2014 седум, во 2015 година три обраќања, а во 2016 година едно обраќање по основ на мобинг. Во 2017 и  2018 до ССМ нема пријави на членови на синдикатот по основ на мобинг, додека во првата половина од 2019  евидентирано е едно обраќање, кое е решено спогодбено. Во некои случаи ССМ поднел писмено обраќање до работодавач и до лице- мобер, во три случаи се изготвени тужби , а во еден случај е водена судска постапка, која е негативно завршена . Во дел од случаите проблемите со мобинг се надминати спогодбено.

„Во време на пандемија имаше многу откази од работа, отсуства од работа, работа од дома, труднички и други боледувања, намалување на плати, принудни одмори… едноставно вработените беа преокупирани со други егзистенцијани проблеми отколку со пријавување на мобинг. Од друга страна долгите процедури на докажување, недоречените законски прописи, тешкото докажување и малкуте и долги судски постапки, ги одвраќаат работниците од започнување на постапка на мобинг. Има многу случаи кога ќе им се објасни постапката, и потоа повеќе не се појавуваат кај нас“, велат за ММС од Синдикатот, од каде додаваат дека податоци упатуваат на тоа дека вознемирувањето на работно место најчестo се случува во средини каде работниците не се синдикално организирани и не се едуцирани за своите работни права.

mobing
фото: Freepik

Нагласуваат дека токму поради недоволните резултати од примената на Законот за мобинг, сега почнуваат со работа работни групи од ССМ, Министерството за труд и социјална политика, судовите и правни експерти, кои ќе ги подготвуваат измените во Законот, со кои треба да се поедностават процедурите и да се прецизираат сите недоречености, да се скратат судските постапки и слично, со што ќе се охрабрат работниците да пријават мобинг.

Измените во Законот за мобинг, донесен во 2013, ги најави и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која неодамна изјави дека МТСП веќе почна да работи на измени и дополнувања на овој Закон затоа што моменталното решение не нуди поголема заштита на работниците.

„Во министерството работи Комисија за заштита од дискриминација која има можност да постапува во случај на  пријава на мобинг. Комисијата има надлежност да истражува, да доаѓа до докази кои ќе одат во прилог на едната или на другата страна“, рече Тренчевска.

Иако постојниот Закон за мобинг предвидува казна за вознемирувачот-моберот, до 6.000 евра, во ССМ велат дека немаат податоци оти некој ја платил.

„Повеќе години трпам психичко насилство од газдата, кој секогаш ми се обраќа со повисок тон, ме навредува, и лично и во врска со работата, иако не сум направила грешки, ме тера да работам прекувремено без да ми плати. Тоа го прави пред моите колеги за да се чуствувам „пониско“. Плачам речиси секој ден, а трпи и мојот приватен живот. Се повеќе размислувам да дадам отказ. Но, тешко се наоѓа работа денеска. Сепак, при првата шанса, ќе си заминам“, вели скопјанката М.Н (45) која додава дека слушнала оти може да го пријави за мобинг, но не му верува на судскиот систем, кој според неа, и да донесе пресуда, таа не би била во нејзина корист.

По дефиниција, мобингот е притисок врз вработените или психолошки терор на работното место. Тоа подразбира неетичка комуникација врз поединец, понижување, а најчесто лицето морално се напаѓа и понижува, со цел да се загрози неговиот углед, чест, човечко достоинство и интегритет, се до напуштање на работното место.

Феноменот е релативно нов, за него почна да се зборува во деведесеттите години од минатиот век, но се повеќе станува актуелен. Причина повеќе е економската криза, невработеноста и нискиот стандард, кои одат во прилог на работодавачите. Директно врачениот отказ може да значи тужба на суд и неизвесна пресуда, па затоа мобингот се применува како „поелегантно решение“ – работникот  самиот да си даде отказ.

Изразот е кованица од два англиски збора: моб (неранимајко), и мобиш, што (грубо, простачки, вулгарно).

Маја Томиќ

Фото: Freepik