Возот за Кочани постои во возниот ред, но го нема на пругата – Велешани бараат од Железници да го пуштат возот во кој се смрзнуваа – ММС
ММС

Објавено на: 02/2/22 9:46 AM

Возот за Кочани постои во возниот ред, но го нема на пругата – Велешани бараат од Железници да го пуштат возот во кој се смрзнуваа

Велешани кои секојдневно патуваат со воз на работа или на школување во Скопје како и другите кои повремено патуваат за Скопје реагираат до Железници на РСМ А.Д. Транспорт  што скоро една година, од март 2021, се уште не сообраќа патничкиот воз од Кочани –преку Велес за Скопје и обратно, а кој е ставен и во новиот возен ред од декември. Според возниот ред поаѓањето е од Кочани  во 5.24, во Велес е во 7.26 часот, а поаѓањето  за назад од Скопје е во 15.24 часот.

Патниците велат дека поради несообраќање на овој за нив најпопуларен воз наутро  мораат  да одат на работа или час порано со раниот  воз во 6.25 часот или пак наместо со воз да патуваат со  автобус, за што мораат дополнително да издвојуваат пари за автобуски билет кој во еден правец е 150 денари.

Во одговор на прашање од МИА за ваквата состојба  од ЖРСМ Транспорт АД Скопје наведоа дека ги прават сите напори максимално да ги покријат сите линии што се наведени во возниот ред

Појаснуваат дека ги почитуваат сите законски норми и вршат плански и вонплански поправки на влечните средства согласно Правилник за начин и постапка за одржување на железничките возила објавени во Службен весник на РСМ број 197 од 11 ноември 2015 година.

-Ремонт на возни средства, ЖРСМ Транспорт АД Скопје  предвидува со  јавни набавки и објавува јавен повик.  ЖРСМ Транспорт АД Скопје не може да испрати возно средство било каде освен до Економскиот оператор кој го добил тендерот на јавниот повик.ЖРСМ Транспорт АД Скопје во рамките на своите финансиски можности и Бизнис план донесува одлука за јавен повик. Со оглед на расположивите возни капацитети, а при тоа земајќи ја во предвид нивната старост, ЖРСМ Транспорт АД Скопје ги прави сите напори за максимално да ги покрие сите линии што се наведени во возниот ред, појаснуваат  од ЖРСМ Транспорт АД Скопје.

Едниот од возовите кој возеше на оваа релација  не сообраќа поради расипана локомотива од пред скоро една година, а другиот воз  не сообраќа веќе четири години откако беше удрен и расипан на пругата кај Кичево.

МИА