Шпанецот Пабло Фернандез без престан пливаше во базен рекордни 36 часа во склоп на проектот на општествена солидарност, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фернандез го направи тоа во базенот во Мадрид на 30 и 31 јануари и така влезе во Гинисовата книга со рекорд за најдолго пливање во базен.
Тој пливаше како поддршка на проектот за социјална солидарност, со кој почнаа да се собираат училишни стипендии за околу 2.000 ученици во основно училиште во Шпанија, а денеска доби и сертификат за Гинисов рекорд.
„Никогаш не би помислил дека можам да пливам 36 часа ако тоа од мене беше побарано. Сепак, рекордите секогаш треба да се рушат. Многу ми е мило што успеав. Сè уште сум во шок, но мислам дека наскоро ќе се вратам“, изјави Фернандез.
Како дел од акцијата на Црвениот крст во мај 2020 година, Фернандез го собори рекордот пливајќи во базен 25 часа, но во ноември 2021 година, Холанѓанецот Маартен ван дер Вајден го зголеми тој рекорд на 32 часа, 20 минути и 50 секунди.
Фернандез го држи рекордот во пет различни дисциплини во Гинисовата книга на рекорди, а познат е, меѓу другото, и по тоа што без застанување исплива 250 километри во океанот.
извор и фото-Агенција Анадолија