Ако ме прашате мене, не ни треба отворање на Уставот-оцени Пендаровски – ММС
ММС

Објавено на: 02/1/22 3:20 PM

Ако ме прашате мене, не ни треба отворање на Уставот-оцени Пендаровски

Ставот на претседателот Стево Пендаровски е дека највисокиот правен акт, Уставот, не треба да се отвора премногу често, туку само кога навистина има причина за тоа.
„Сензитивно е прашањето. Прашање е дали сега ни треба какво било отворање на Уставот, ако ме прашате мене, не ни треба. Сега, на РС Македонија не и треба преотворање на највисокиот правен акт, а понатаму, меѓутоа само со апсолутен консензус на сите политички фактори во Собранието, би требало да го направиме тоа“, смета Пендаровски.

По денешната седница на Советот за безбедност, одговарајќи на новинарско прашање за иницијативата за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, Пендаровски рече дека секогаш е добро да се рационализираат трошоците на државата.
„Се што оди на редуцирање на трошоците на граѓаните и на намалување на буџетот во тој дел јас го поддржувам. Меѓутоа, во политичкиот дел е секогаш проблематично кога го отворате Уставот. Мој став е дека Уставот ние во изминативе години премногу често го отворавме. Уставот не треба пречесто да се отвора. Уставот треба да се отвора кога навистина има причина за тоа“, рече Пендаровски.

Во однос на инсистирањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори, Пендаровски вели дека тоа не е прашање за претседателот на државата. „Од 2015 година имавме постојано некакви избори, вклучително и референдумот. Меѓутоа, тоа е апсолутно автономно право на политичките субјекти во Собранието. Постои само еден начин да предизвикате предвремени избори, односно 61 пратеник да притиснат копче и да го распуштат Собранието. Не би сакал да навлегувам во тој дел повеќе“, заклучи Пендаровски.

МИА