Рано изутринава Македонија се разбуди во снежна покривка која ги натера патните служби да ги расчистат приодите на улиците, а општините да апелираат до граѓаните и до сопствениците на деловните објекти да си ја исполнат законската обврска да го расчистат снегот пред своите дворови и влезови.
До општините постојано пристигнуваат пријави од граѓаните за потреба од дополнителни интервенции, но реакцијата оттаму е дека сите граѓани треба да го почитуваат Законот за јавна чистота затоа што обврските им произлегуваат од таму.
„Се известуваат сите правни и физички лица, сопственици или корисници на деловни објекти на подрачјето на Општина Велес, дека во услови на снежни врнежи се должни веднаш да го исчистат снегот пред нивните објекти со цел да се обезбеди непречен пристап до нив. Отстранувањето на снегот од отворените јавни простори пред деловните објекти е согласно Законот за јавна чистота и доколку сопствениците или корисниците на деловните објекти не го исчистат снегот ќе бидат соодветно санкционирани“, објави општина Велес, а истото го направи општина Кисела Вода и уште неколку други општини ширум земјава.
Но, граѓаните воопшто не се запознати со обврските и казните кои произлегуваат од Законот затоа што никој не ги поучил, се додека некој комунален инспектор не им пише казна на лице место.
Според законот, одржувањето на јавната чистота е обврска на секое физичко и правно лице.
Заради обезбедување на јавна чистота на јавните површини е забрането (чл.14 од Закон за јавна чистота):
– фрлање и оставање на хартија, опушоци, мастики, амбалажи, земја, отпадоци од растенија, песок и други отпадоци освен на местата определени за таа намена,
– оставање на стари предмети од домаќинство и смет од вршење на дејности покрај садовите за собирање на смет, освен на места определени од општината,
– оставање на фекални остатоци од домашни миленици и мртви животни, живина и птици во садови за отпад,освен за места определени за таа намена,
– колење на кокошки и друга живина и животни,
– испуштање на отпадни води и други течности од дворните места и објекти,
– истурање или испуштање на течности во садови за отпад, на улици, во канали, реки и езера,
– сечење, складирање, цепење на дрва, јаглен и слично,освен за места определени за таа намена,
– оставање на запрежни коли, трактори, земјоделски машини и алатки,
– чување и напасување на крупен добиток и живина,
– продажба и излагање на земјоделски и индустриски производи,освен за места определени за таа намена,
– поставување на урбана опрема и други подвижни и неподвижни предмети,
– мешање на бетон, малтер, освен на места што ќе ги определи општината,
– растурање на сметот од вреќи, контејнери и други видови садови за собирање смет,
– фрлање, односно оставање на смет до контејнер и други видови на садови за собирање на смет,
– фрлање смет од кој било кат од станбена зграда или куќа, во двор,
– поставување на контејнери и други видови садови за собирање смет надвор од определени места за нивно поставување, согласно со нивната намена,
– плукање или секнење нос на јавни површини,
– лепење на плакати на кое било јавно место освен за места определени за таа намена и
– вршење на физиолошки потреби.
Доколку се поставува спортивно на одредбите за одржување на јавна чистота, предвидена е глоба од 50 евра која се изрекува во мандатна постапка на физичко лице (чл.33 од Закон за јавна чистота).
„Кога општинскиот комунален инспектор, односно униформираниот полициски службеник и комуналниот редар ќе утврдат дека е сторен прекршок , на сторителот ќе му врачи покана за плаќање на глобата во рок од осум дена од денот на врачувањето на поканата или во рок од 30 дена место глоба сторителот да изврши определени работи – општокорисна работа“, стои во законот.
Орце Костов
фото: Општина Крушево