Децата се пресреќни што денес се на училиште, засега мора да носат маски, рече министерот Шаќири – ММС
ММС

Објавено на: 02/1/22 10:38 AM

Децата се пресреќни што денес се на училиште, засега мора да носат маски, рече министерот Шаќири

Сите директори на основните и средните училишта рекле дека биле подготвени за настава со физичко присуство во второто полугодие кое почна со доцнење од десет дена, а децата биле најрадосни што денес ќе бидат на училиште, смета министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Тој претпладнево го посети основното училиште „Битолски конгрес“ во скопската општина Чаир и истакна дека директорите на сите основни и средни училишта со кои комуницирал во изминатите десет дена го известиле дека се подготвени за настава со физичко присуство и апелираше доследно да се почитуваат антиковид-протоколите за да се заштити здравјето и училиштата да останат отворени до крајот на учебната година.

–  Кратењето на изолацијата значи дека во образовниот процес ќе имаме помалку професори кои се позитивни. Досега од директорите нема огромен број на позитивни случаи. Од денеска до петок може ние од МОН ќе комуницираме со училиштата, медиумите и Комисијата. Важна беше одлуката на Комисијата дека имаме услови за почеток на физичко присуство.

Во врска со барањата учениците да следат настава без заштитни маски, Шаќири одговори дека „ќе има средба со сите што мислат различно”, но дека сите протоколи, вклучително и носењето маски, се препораки од Комисијата и тие треба да се почитуваат.

– Не е проблем да се видам и со сите различно што мислат, но сите одлуки доаѓаат од Комисијата за заразни болести. Не ги утврдуваме ние. И за делот на маските, јас мислам дека Комисијата на следна седница ќе одлучува за маските и барањата на родителите, а ние како МОН ќе ја почитуваме секоја одлука – додаде Шаќири.

О.К.