„Еден преглед спасува живот, прегледај се-заштити се!“- МЗ со кампања за рано откривање на рак на грло на матка – ММС
ММС

Објавено на: 02/1/22 10:45 AM

„Еден преглед спасува живот, прегледај се-заштити се!“- МЗ со кампања за рано откривање на рак на грло на матка

Мотото под кое се спроведува кампањата за превенција и рано откривање рак на грлото на матката, како што информира на својата фејсбук страница Министерството за здравство е : „Еден преглед спасува живот, прегледај се -заштити се!“
Освен во јануари, месец кој традиционално е посветен за подигнување на свесноста за борба со цервикалниот карционом, низа активности годинава ќе се посветат на унапредување на женското здравје, а во завршна фаза е и изработката на посебен модул за пријавување на пациентки за зголемување на опфатот на жени и приближување на оваа здравствена услуга до женската популација.
„Со поддршка на УНФПА веќе се во функција мобилни гинеколошки клиники за прегледи за рано откривање на ракот на грлото на матката, кои веќе посетија неколку општини. Целта е да се зголеми бројот на жени и девојки за бесплатен ПАП тест, да се зголеми инклузивноста на женската популација од ранливите групи во рурални и оддалечени места и да се подигне свеста за важноста од редовни контроли“, потенцираат од Министерството.
Во мобилната гинеколошка амбуланта се достапни и совети за родово базирано насилство и за планирање на семејството. Прегледите се бесплатни, а пријавувањето се одвива преку матичните лекари.
„Кампањата се одвива со промотивен видео спот на националните телевизии, објавување документарни содржини за мобилните клиники на социјалните мрежи, дистрибуција на печатени едукативни материјали, како и совети од гинеколози. Овие активности се реализираат преку Комисијата за скрининг на рак на грлото на матката при Министерството за здравство во соработка со УНФПА, СЗО, УНИЦЕФ и лекарските здруженија“, информираат од Министерството за здравство.