Вработен на ЈП Градски Паркинг Тетово четири часа поминал во притворското одделение во Секторот за внатрешни работи -Тетово по вербална расправија со полициски службеници, околу блокиран автомобил од пајак службата, чиј сопственик не платил за паркинг местото.
Од ЈП Градски паркинг информираа дека ќе поднесат преставка до Секторот за внатрешна контрола и професионални услуги при МВР, за неосновано и предолго задржување во притвор на нивниот вработен и ќе бара правично расветлување на случајот.
-ЈП Градски паркинг Тетово, остро реагира на денешното приведување на вработен во претпријатието од страна на полициски службеници. Вработениот,бил приведен со образложение дека омаловажувал полицаец, и задржан во притвор повеќе од четири часа. Имено, претпладнето, сопственик на возило се пожалил дека истото му е блокирано од пајак службата, а за паркингот воопшто не извршил плаќање.Повикал полиција, па откако дошле двајца службеници, вработениот на паркинг му објаснил на едниот од нив за што се работи, на што полицаецот изреагирал дека не си ја вршат работата како што треба и настанала вербална расправија, истакнаа од прес службата на Општина Тетово
Од ЈП Градски паркинг додадоа дека професионално ќе продолжат да си ја извршуваат својата работа,за подобар сообраќаен проток, поголем ред , а со тоа и безбедност на граѓаните
-Без разлика кој е и од каде доаѓа, сите возила без оглед дали се службени или приватни, како и автомобили на функционери, треба сите да плаќаат. Тоа е нашиот став, така ќе биде до крајот на мандатот, никој не е пуштен да паркира без да плати, дополнија од Општина Тетово.
Од СВР Тетово, велат дека вработениот во ЈП градски паркинг Тетово ги навредувал и омаловажувал полициските службеници при извршување на своите дејствија
-Денеска (31 јануари) во 10 часот и 20 минути Г.Н.(40) од Тетово во СВР Тетово пријавил дека на необележано место од ЈП „Паркинзи“ во Тетово го паркирал неговото возило и дека од ова претпријатие, според него, незаконски му поставиле блокатор на тркалото.Веднаш е постапено по пријавената поплака и испратени се полициски службеници на посоченото место, на кое во меѓувреме пристигнал и претставникот од Јавното претпријатие „Паркинзи“ З.П.(39), исто така, од Тетово. Тој најпрво вербално се расправал, а потоа ги навредувал и омаловажувал полициските службеници при преземање на службени дејствија. З.П. околу 11 часот и 20 минути приведен е во Полициската станица Тетово, истакнаа од СВР Тетово, додавајќи дека се работи на целосно расчистување и документирање на случајот.
Зоран Димовски