Сметките за парно остануваат исти, цената е усогласена со берзанската-изјави Бислимоски – ММС
ММС

Објавено на: 01/31/22 4:00 PM

Сметките за парно остануваат исти, цената е усогласена со берзанската-изјави Бислимоски

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои ја утврди цена на топлинската енергија согласно актуелните берзански цени на природниот гас.
„Одлуката е донесена на барање на снабдувачите со топлинска енергија БЕГ и Скопје Север поради енормното зголемување на набавната цена на природниот гас, која има доминантно влијание при утврдување на регулираниот максимален приход за вршење на дејноста. Имајќи ја предвид оваа состојба, Владата донесе одлука за прогласување на кризна состојба со топлинска енергија и предвиде мерки за да се избегне ценовниот шок за сметките за домаќинствата и сметките да останат исти“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ, кој додаде дека е ова практично принцип на солидарност, во време на енергетска криза и во случајов Владата презема дел од товарот со цел да се заштитат потрошувачите и да немаат повисоки сметки.

РКЕ на 31 декември 2021 донесе одлука за цената на топлинската енергија во Скопје, со која беше утврдено поскапување од 14,05 отсто, иако од компаниите-снабдувачи, беше побарано зголемување од 300 отсто. Сегашната одлука, според РКЕ, е со реална цена и тоа нема да значи зголемување на сметките што ги плаќаат граѓаните.