Битолчани поднеле 2.677 барања за надомест на предизвикана штета од неодамнешниот земјотрес, на објавениот повик од Општина Битола. Градоначалникот Тони Коњановски потврди дека се формирани комисии кои ќе ги разгледуваат барањата и ќе постапуваат по нив и ќе се види кои исполнуваат условите за надомест.
-Во врска со постапката за проценка на штетите, минатата недела на состанокот со претставници од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, се договоривме во текот на оваа недела, стручните лица од ИЗИИС да им одржат обука на членовите на комисиите кои ќе вршат проценка, според Законот за заштита и спасување. За штетите настанати од земјотресот остваривме и работен состанок со Владата, од каде очекуваме поддршка, како што и најавија владини претставници“, изјави Коњановски.
Од Општина Битола потврдија дека постапката за легализација на објекти во тој град е завршена за над 1.000 предмети, а наскоро ќе почне и решавањето на предмети за легализација поврзани со неколку рурални места.
МИА