Новата министерка за одбрана, Славјанка Петровска ја наследи Радмила Шеќеринска пред точно две недели, а една од првите одлуки во нејзиното менаџирање со армиските сили и одбраната на земјата, покрај најавата за потенцијално учество на Северна Македонија во евентуалниот конфликт во Украина, е и продажба на 11 службени кучиња по пат на електронско јавно наддавање по цена од 60 до 200 евра.
На официјалната веб-страница на Министерството за одбрана е објавен оглас „за продажба на движни ствари – службени кучиња по пат на електронско јавно наддавање“.
Се продаваат осум германски и три белгиски овчари кои се стари помеѓу шест месеци и година и пол. Кучињата се наоѓаат во Центарот за обука и дресирање на кучиња во касарната „Ѓорче Петров“ и можат да се видат на 2 февруари од 12 до 13 часот, додека аукцијата ќе се одржи во петок со почеток во 11 часот:
„куче Пена, тетовир бр. 983, раса Германски овчар, пол женски, дата на раѓање 07.08.2020 година, со почетна цена од 12.300,00 денари;
куче Пола, тетовир бр. 984, раса Германски овчар, пол женски, дата на раѓање 07.08.2020 година, со почетна цена од 12.300,00 денари;
куче Руда, тетовир бр. 989, раса Германски овчар, пол женски, дата на раѓање 17.05.2021 година, со почетна цена од 3.690,00 денари;
куче Рона, тетовир бр. 990, раса Германски овчар, пол женски, дата на раѓање 17.05.2021 година, со почетна цена од 3.690,00 денари;
куче Рива, тетовир бр. 991, раса Германски овчар, пол женски, дата на раѓање 17.05.2021 година, со почетна цена од 3.690,00 денари;
куче Стела, тетовир бр. 995, раса Германски овчар, пол женски, дата на раѓање 25.06.2021 година, со почетна цена од 3.690,00 денари;
куче Софи, тетовир бр. 996, раса Германски овчар, пол женски, дата на раѓање 25.06.2021 година, со почетна цена од 3.690,00 денари;
куче Сара, тетовир бр. 997, раса Германски овчар, пол женски, дата на раѓање 25.06.2021 година, со почетна цена од 3.690,00 денари;
куче Чика, тетовир бр. 178, раса Белгиски овчар, пол женски, дата на раѓање 21.07.2021 година, со почетна цена од 3.690,00 денари;
куче Чимба, тетовир бр. 179, раса Белгиски овчар, пол женски, дата на раѓање 21.07.2021 година, со почетна цена од 3.690,00 денари;
куче Чила, тетовир бр. 180, раса Белгиски овчар, пол женски, дата на раѓање 21.07.2021 година, со почетна цена од 3.690,00 денари;“
Право на учество на јавното електронско наддавање имаат сите домашни и странски физички и правни лица кои ќе уплатат 2 отсто од проценетата вредност на кучето за кое се заинтересирани.
Кучињата се стари меѓу шест месеци и година ипол, а објавувањето на огласот предизвика низа коментари во македонската јавност, бидејќи овие животни наводно поминале и долга обука.
„ Сте размислиле ли каде ќе завршат овие добро истренирани кучиња – службеници? Еве јас ќе Ви помогнам во размислата. Убедена сум дека ќе завршат во погрешни раце за борба на кучиња и секакви други садистички изживувања врз нив! Крајниот епилог на најголемиот дел од нив ќе биде убиство! Ако не го почитувате армиското куче, како ќе го почитувате војникот во Армијата? Партнери се и во добро и во лошо!“, стои во еден од коментарите на социјалните мрежи.
Македонската јавност реагираше остро затоа што некои од нив сметаат дека овие кучиња ќе завршат во погрешни раце за борба на кучиња и некој ќе се изживува врз нив.
Од Министерството за одбрана тврдат дека МО се грижи за доследно почитување на законските одредби од Законот за заштита и благосостојба на животните и дека потребата за продажба на овие кучиња е поради поголемиот прираст кој минатата година го имал Центарот за обука и дресура на кучиња.
“Министерството за одбрана на 28 јануари објави Јавен оглас за продажба на кучиња, кој јавно и транспарентно може да се види на веб-страницата на Министерството. Огласот е објавен во согласност со воспоставената пракса за отуѓување на кучињата кои го надминуваат бројот на потребните кучиња зa потребите на Армијата и на другите институции. Потребата за продажба на овие кучиња е поради поголемиот прираст кој минатата година го имаше Центарот за обука и дресура на кучиња, кој е дел од Армијата на Република Северна Македонија и кој е задолжен за обезбедување на државните институции согласно нивните потреби. Кучињата кои се огласени на продажба не се тренирани, а одлуката за нивна продажба е донесена врз основа на проценка на организационите единици задолжени за тоа.
Министерство за одбрана има природен прираст на кучиња од сопствените легла. Кучињата кои се потребни за Армијата и другите државни органи се распределуваат низ единиците или на другите институции со одлука на Владата, додека бројот на кучиња кој ги надминува потребите се објавува за продажба со јавно наддавање“ рекоа од Министерството за ММС.
Од МО велат дека во секој договор за купопродажба има одредба во која се задолжува купувачот да посвети потребна грижа за животното и да ги почитува одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните, па оттаму не треба да има страв дека овие кучиња ќе завршат како учесници во улични нелегални борби со кучиња.
„Продажбата на кучињата има пред сè хуман аспект, тие да добијат соодветен дом и грижливи сопственици“, додадоа од министерството.
Почетната цена на кучињата ја одредува овластен проценител од Бирото за судски вештачења, а МО не знае колку средства ќе собере од продажбата на кучињата. Ваков вид јавен оглас за продажба на кучиња Mинистерството за одбрана објавувало и претходно и зависело од прирастот и потребите на останатите државни институции. ММС побара од Министерството за одбрана податоци колку средства Армијата заработила од претходниот оглас за продажба на кучиња кој е објавен во 2016 година, но не добиме одговор.
Орце Костов
фото: www.mil.mk