Грант од околу 3,4 милиони евра, во рамки на првиот повик на Регионалниот фонд за предизвици (РФП), денеска ќе им биде доделен на 29 фирми – членки на Стопанската комора, за да го продолжат дуалниот модел на образование со седум стручни училишта и една вискокообразовна институција.
Настанот е во организација на Стопанската комора, како дел од Коморскиот инвестициски форум (КИФ ЗБ6) и партнер во спроведувањето на финансискиот инструмент дизајниран за зголемување на вработливоста на младите – Регионален фонд за предизвици, во соработка со Германската банка за развој (КфВ) и германското Федерално министерство за економска соработка и развој.
На него ќе присуствуваат и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Ото Граф, вршител на должност во амбасадата на Германија во Скопје, Балша Ќулафиќ, проектен координатор на Регионалниот фонд за предизвици во рамки на КИФ ЗБ6, Рене Ешеман, директор на Канцеларијата на Германската банка за развој во Северна Македонија и Косово и Фридер Верман, раководител на тимот на РФП.