Меѓународна научна конференција во Штип за општествените промени во глобалниот свет – ММС
ММС

Објавено на: 09/6/18 10:58 AM

Меѓународна научна конференција во Штип за општествените промени во глобалниот свет

ММС, 06.09.2018

Седумдесетина универзитетски професори од Русија, Полска, Бугарија, Србија, Босна и Херцговина и од Македонија учествуваат на Петтата меѓународна научна конференција што, во организација на Правниот факултет на УГД, денеска почна во Штип, која годинава е насловена како „Општествените промени во глобалниот свет“. Се разгледуваат теми од областа на правото, економијата, општеството и комуникациите, меѓу кои и повеќе актуелни во моментот кај нас.

Професорката Марија Амповска од Правниот факултет на УГД настапи со труд за одговорноста на извршителите во Македонија.

– Истражувањата покажуваат дека самите корисници на услугите на извршителите не се доволно заштитени. Оттука, институтот одговорност на извршителите не е доволно правно уреден за да може да кажеме дека оштетените навистина ќе добијат правичен надомест за претрпена штета од вршењето на некои недозволени дејства од страна на извршителите – вели Амповска.

Професорот по трудово право, пак, Андон Мајхошев зборуваше за проблемите во социјалниот дијалог и колективното договарање во Македонија.

– Главни играчи во социјалниот дијалог се Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи. Значи, на ниво на Македонија стекнат репрезентативен статус имаат само овие две асоцијации. Затоа, неопходна е потребата од менување на Законот за работни односи во делот на критериумите за репрезентативност. Бидејќи процентот за добивање репрезентатативен статус и учество во социјалниот дијалог и колективното договарање е премногу висок, па треба да се симне под десет отсто на државно ниво кај синдикатите, а исто така и кај асоцијациите на работодавачи, со цел да им се даде шанса и на помалите субјекти да бидат дел од социјалниот дијалог – смета Мајхошев.

На прашањето како гледа на последните зголемувања на платите во здравството и во други дејности, Мајхошев одговори дека секое покачување плата е добро, а прашање колку е погоден моментот во овој предрефендумски период, но додаде и оти субјектите, во случајот синдикатите, во секој период се бореле за она за што постојат.