„Не сакам војна, јас не сум воин, јас сум орач“ – Како се живее во близина на линијата на фронтот во источна Украина – ММС
ММС

Објавено на: 01/29/22 2:25 PM

„Не сакам војна, јас не сум воин, јас сум орач“ – Како се живее во близина на линијата на фронтот во источна Украина

Од 2014 година, под сенка на војната, 80-годишен Украинец поранешен наставник кој живее во куќа без покрив во близина на линијата на фронтот во источна Украина, со сите сили се обидува да остане во куќата која некогаш ја делел со својата сопруга, пишува Агенција Анадолија (АА).

Александр Панов (80) живее во Авдиивка, град во украинската Доњецка Област, некогаш позната како „град на духовите“, бидејќи многу од жителите ги напуштија нивните домови поради гранатирањето помеѓу групите на проруските сепаратисти и силите на украинската власт.

Градот, со население од околу 30.000 жители, е на помалку од 15 километри оддалечен од линијата на фронтот во источниот регион Донбас опфатен со конфликти, линијата помеѓу областите контролирани од Украина и местата под контрола на сепаратистите поддржани од Русија.

Зборувајќи за Агенција Анадолија, Панов рече дека сака мир и просперитет, не повеќе конфликти.

„Не сакам војна, јас не сум воин, јас сум орач“, рече тој.

„Судирите започнаа на 26 мај 2014 година, кога Аеродромот „Доњецк“ беше бомбардиран“, се присети тој, додавајќи дека во јуни почнале да паѓаат првите бомби во областа каде што живее.

Со оглед на тоа што прозорците на куќата неколкупати биле скршени за време на конфликтот, Панов рече дека тие се навикнале на звукот од огнено оружје.

„Двапати ги менував прозорците. Кога беа скршени по третпат, ги прекрив во целост“, рече тој.

„Минатата година повторно отворив само два прозорци. Најдов некои парчиња стакло и ги поправив. Прозорците беа затворени седум години. Не ги отворив, бидејќи војниците беа стационирани веднаш спроти куќата.“

Тој додаде дека многу луѓе ја напуштиле областа во која живее и дека останале само четворица соседи кои живеат во околината постојано.

Панов рече дека превозот во регионот престанал во 2014-2015 година, а автобускиот превоз полека се обновил кон крајот на 2016 година.

„Тогаш и продавниците, исто така, започнаа повторно да се отвораат во областа“, додаде тој.

„Од 2017 година, големата војна до одреден степен престана. Престанаа испукувањата на оружјето „Град“ [повеќеракетни фрлачи]“, рече тој.

Раскажувајќи за делот од покривот на неговата куќа што бил оштетен од бомбите од проруските сепаратисти во јануари 2017 година, Панов рече дека покривот целосно се урнал од друга бомба која ја погодила неговата куќа по вторпат, само една недела подоцна.

Со шатор обезбеден од градската власт тој успеал некако да го покрие покривот, но бидејќи куќата е многу студена за време на зимата, мора да го одржува огнот во печката на јаглен и дење и ноќе.

„Ако не го одржувам огнот во печката на јаглен, дури и водата во куќата замрзнува“, рече тој.

Поранешниот наставник, кој боледува од повеќе болести, рече дека за време на конфликтот потребите за вода ги задоволувал од бунар во близина на неговата куќа.

Панов останал без својата сопруга минатата година и оттогаш живее сам во одвај одржливата куќа полна со книги.

Истакнувајќи дека неговите две деца живеат во Доњецк кој е под контрола на сепаратистите, Панов рече дека со нив може да разговара само по телефон трипати годишно поради проблеми со комуникацијата во регионот.

„Нема веќе експлозии, нема веќе војна. Сега сѐ е подобро во споредба со она што беше порано“, рече тој за последните години од својот живот.

„Војната беше во 2014, 2015 и 2016… Бомбите паѓаа на само 30-40 метри од нас, токму пред нас. Тогаш беше страшно.“

Панов, кој по потекло е од Сибир, рече дека се преселил во Донбас: „Ја купив оваа куќа во 2005 година и оттогаш живеам тука.“

Панов се пензионирал на возраст од 75 години откако работел 46 години во државни институции и 10 години непосредно пред пензионирањето во 2017 година во приватен сектор.

Запрашан за мислење околу изминатите тензии во регионот, за што многумина стравуваат дека може да дојде до руска војна и инвазија, Панов рече дека тој не е пророк и не може да зборува за иднината, но стави до знаење дека не сака војна.

Русија неодамна распореди десетици илјади војници во близина на источната граница на Украина, предизвикувајќи стравување дека Кремљ можеби планира нова воена офанзива на нејзиниот поранешен советски сосед.

Москва негира дека се подготвува за инвазија и рече дека нејзините војници се таму за вежби.

Извор и фото: www.aa.com.tr