До крајот на февруари да бидат замрзнати цените на прехранбените стоки, предложи Бектеши – ММС
ММС

Објавено на: 01/28/22 3:32 PM

До крајот на февруари да бидат замрзнати цените на прехранбените стоки, предложи Бектеши

На два дена пред истекот на рокот, Министерството за економија достави одлука до Владата со која се предлага мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи да се продолжи до крајот на февруари 2022 година.

Ова го објави министерот за економија Крешник Бектеши на својот фејсбук профил.

Одлуката за замрзнување на цените беше донесена од Владата во декември минатата година, со важност до 31 јануари годинава. Таа подразбираше, да останат на истото ниво од 1 декември цените на лебот, шеќерот, брашното, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 отсто и 3,5 отсто, на месото, сувомесните производи, сирењето, урдата, оризот, јајцата и тестенините.

Ако Владата го прифати предлогот на Министерството за економија, овие цени до крајот на февруари ќе останат на истото ниво од 1 декември 2021.
Оваа владина одлука за ограничување на цените на примарните производи на слободниот пазар беше иницирана од енергетската криза, односно поскапувањето на струјата на светските берзи и кај нас како и на зголемените трошоци на компаниите, што предизвика раст на цените на храната во последните месеци од лани и до намалување на потрошувачката моќ на граѓаните.

М.Т.