Ја разбираме разочараноста на Јада, 10.000 денари од родното Крушево се премалку, но можностите на општината се тие – ММС
ММС

Објавено на: 01/28/22 3:11 PM

Ја разбираме разочараноста на Јада, 10.000 денари од родното Крушево се премалку, но можностите на општината се тие

„Срамота…Катастрофа…Ти не само што ја претставуваш Општина Крушево туку Македонија…Јас да сум не им ги земам, ќе им ги вратам!!!! -Ова се само мал дел од бурните реакции во  јавноста предизвикани од  информацијата дека нордиецот Ставре Јада, еден од тројцата наши олимпици од неговото родно Крушево добил 10.000 денари поддршка.Тој своето разочарување го објави на социјалните мрежи.

„Денеска од општина Крушево ми беа доделени срамни 10.000 денари, пари со кои не можам да ги покријам основните трошоци, а пред еден месец, таа обезбеди финансиска помош и службено возило до БиХ за целосно новата биатлон-федерација. Сакам да поставам неколку прашања до општина Крушево и тоа дали овај е начинот на кој се поддржуваат младите спортисти од градот и зошто општината има двојни аршини при финансирање на спортистите? Но, и со оваа сума на пари, јас гордо и достоинствено ќе го претставувам Крушево и Македонија на ЗОИ во Пекинг“, напиша меѓу другото Јада на социјалните мрежи.

Во врска со овие обвинувања и реакции се огласи и претседателот на Советот на општина Крушево, Андреј Николовски

„Ја разбирам разочараноста на еден од најуспешните спортисти во моментов Ставре Јада. Советот донесе одлука за доделување на средства како поддршка на учесникот на Зимските олимписки игри во Пекинг, Кина, кои секако се малку и не се доволни, “напиша Николовски.

„Најпрво, можностите на општината се тие. Општината и советот одделуваат максимално средства за спортисти и спортски клубови. Секоја година општината објавува повик за спортски клубови и невладини организации чија вредност е околу 300 000 денари за клубовите и 100 000 за невладини организации. Ова се навистина малку средства за скијачките клубови, фудбалскиот, одбојкарскиот и други, како и за активните невладини и Црвен Крст. Пред неколку години општина Крушево усвои методологија со која на транспарентен начин, преку јавен повик, се доделуваат средства за спортот и здруженијата. На тој начин се овозможи рамномерно доделување на финансиски средства и поддршка на сите клубови. Ќе напоменам дека овие средства не се доволно, но се добар почеток за транспарентна помош,“ образложи Николовски, додавајќи дека општина Крушево на страна од овој повик излегува во пресрет на барањата на клубовите со отстапување на општинските возила за патување и финансирање на страна од јавниот повик. Таков бил случајот и со  Ставре Јада.

“Како претседател на одбојкарскиот клуб „Синалко“ сакам да потенцирам дека на успешните спортисти и спортски клубови Агенцијата за млади и спорт секоја година им доделува ваучери преку кои се финансираат спортистите и спортските клубови. Ваучери и средства добиваат и федерациите. Така што, поддршката за спортистите и спортските клубови на државно ниво никогаш не била поголема. Дали е тоа доволно? Во многу случаи не, но останува да се бориме за да имаме уште поуспешни спортисти.

На Ставре Јада, кој е наша гордост, му посакувам успех во Пекинг, Кина!“ напиша претседателот на Советот, Андреј Николовски.