Попладнево започнува тридневната расправа во грчкиот Парламент за гласање недоверба на Владата – ММС
ММС

Објавено на: 01/28/22 8:02 AM

Попладнево започнува тридневната расправа во грчкиот Парламент за гласање недоверба на Владата

По доставеното барање од опозициската СИРИЗА, попладнево, во грчкиот Парламент започнува тридневната расправа за гласање недоверба на Владата, а гласањето ќе се одржи во недела навечер, јави дописничката на МИА од Атина.

За да биде изгласана недоверба на Владата потребно е мнозинство од 151 пратеник од вкупно 300 колку што брои грчкиот Парламент, а во моментов владата на Нова демократија има 157 пратеници, шест повеќе од минималната граница за парламентарно мнозинство.

Согласно грчкиот Устав и Деловникот на Парламентот, расправата трае три дена, завршува најдоцна на полноќ на третиот ден, а во случај на отфрлање и неизгласување на предлогот за недоверба, не е дозволено, во следните шест месеци да биде повторно доставено.

Лидерот на грчката опозициска партија СИРИЗА Алексис Ципрас за време на вчерашната расправа во Парламентот за закон од Министерството за развој, вонредно побара збор, упати остри критики и обвинувања до Владата за справувањето со снежната бура и достави предлог за гласање недоверба, на како што рече, „најлошата Влада во земјата по падот на Хунтата”.

-Оваа Влада треба што поскоро да си замине, што побрзо, толку подобро. Пред да биде доцна за општеството, за земјата, за демократијата, рече лидерот на СИРИЗА.

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, коментираше дека Ципрас со конкретниот потег сака да остави впечаток „гледајќи дека неговото политичко влијание се намалува, а политичката иднина на неговата партија е несигурна”.

-Граѓаните ќе имаат можност да слушнат за низа прашања што ги засегаат, кои влијаат на нивните животи и сами да извлечат заклучоци, истакна Иконому во однос на расправата во Парламентот.

Лидерот на партијата Движење на промена- ПАСОК, Никос Андрулакис во интервју за телевизијата „Опен”, синоќа рече дека тие како партија нема да ѝ дадат никаква поддршка на Владата, но и потенцираше дека со 100 смртни случаи дневно од Ковид, смета дека не е време за избори.

Последен пат, предлог за гласање недоверба СИРИЗА достави во октомври 2020 година, а се однесуваше на министерот за финансии Христос Стајкурас.

Нова демократија, како опозиција, неколку дена пред потпишувањето на Договорот од Преспа во јуни 2018 година, достави барање за гласање недоверба на тогашната Влада на СИРИЗА и Алексис Ципрас.

МИА