Агенцијата за млади и спорт го призна електронскиот спорт (Еспорт) за официјален спорт во државата. Директорот на АМС, Наумче Мојсоски, денеска, му врачи „Решение за дејност спорт” на претседателот на Македонската Еспорт Федерација (МЕСФ) и генерален секретар на Меѓународната Еспорт федерација, Бобан Тотовски, информираа од МЕСФ.
– Навистина ми е голема чест и задоволство што денеска и официјално Еспорт федерацијата станува дел од мк спортот. Навистина ми е драго што сме согласни за сите услови и предизвици кои ги носат новите времиња . Сакам да истакнам дека сите спортови во нашата земја имаат и во иднина ќе имаат силна поддршка од Агенцијата за млади и спорт. Се обврзавме да бидеме тука за сите спортови така и ќе продолжиме. Ви честитам на успесите кои до сега ги постигнавте, и ви посакувам поголеми успеси во иднина . Го препознавме вашиот талент и силна желба за големи успеси , ви посакувам како млади луѓе да продолжите со истиот ентузијазам и понатака. Заеднички да ги споделуваме сите ваши достигнувања. Ви честитам, истакна Мојсоски.
За претседателот на МЕСФ, Тотовски, овој чин претставува потврда дека нашата држава ги следи светските движења.
– Кога во 2005-та година почнавме со мисијата за официјализација на Еспортот, искрено, не се надевавме дека ќе требаат 17 години. Во ниту еден момент не изгубивме надеж и мотивација да ја постигнеме целта, а тоа е да го официјализираме Еспортот како спорт”, вели Тотовски. Во изминатиот период работевме на имплементација на спортските стандарди во согласност со Законот за спорт, како и адаптација на врантрешната структура и интерно-организационите процеси, вели Тотовски.
МЕСФ е 66-та официјално призната Еспорт федерација глобално, имајќи предвид дека истовремено е и една од 10-те прво формирани Еспорт федерации во светот.
Еспорт или електронски спорт претставува компетитивно играње видео игри, каде што играчите со употреба на своите ментални и физички способности се натпреваруваат во виртуелна околина.
МИА
фото: Wikipedia