Од денеска возовите пак возат, прекина штрајкот на железничарите – ММС
ММС

Објавено на: 01/27/22 2:48 PM

Од денеска возовите пак возат, прекина штрајкот на железничарите

Вториот дел од декемвриската плата е исплатен во Железници на РСМ Транспорт, со што машинскиот и извршниот персонал го прекина бојкотот од вчера, кога не сообраќаа патничките и товарните возови, информира за МИА Душко Чакаровски, претставник на машинскиот и извршниот персонал.
Тој најави дека со исплатата на платата е исполнето барањето и денеска ќе тргнат возовите според дневниот распоред.
Претходно од ЖРСМ Транспорт соопштија дека прекинот на работата односно штрајкот не е организиран согласно ЗРО и Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје и не е предизвикан поради социјален момент, туку од лична корист на машинскиот персонал, кој имал плата со тримесечен просек за периодот 09/2021 година до 11/2021 година во износ од 50.848,00 денари. Ова тврдење беше негирано од Чакаровски.
Од претпријатието наведоа дека во услови на пандемија и енергетска криза редовно се исплаќаат платите и надоместоците, иако друштвото се соочува со намалени приходи, а во исто време и со зголемени трошоци за електричната енергија.
Прекинот на железничкиот сообраќај, според Чакаровски, е согласно одлуката од 2 ноември лани донесена на собир на машинскиот и извршниот персонал, независно од членство во синдикат.Во одлуката е наведено дека доколку до 25-ти во тековниот месец не биде исплатена платата во целост на 26-ти (односно првиот работен ден после 25-ти) со почеток во 07.00 часот машинскиот и извршниот персонал ќе ја бојкотира работата.

МИА