Министерката за одбрана Славјанка Петровска се сретнала со амбасадорката на Обединетото Кралство, Галовеј и на средбата било разговарано за ситуацијата во и околу Украина. Двете го поздравиле единството на сојузниците во НАТО.
„Северна Македонија и Обединетото Кралство имаат исклучително интензивна соработка во одбраната и наша намера е таа да продолжи да се развива. Заедно постигнавме многу, но ќе продолжиме да бидеме амбициозни и да наоѓаме начини за уште поголем број на заеднички активности, вежби, обуки, школувања и убедена сум дека тоа ќе го постигнеме зашто постои искрена волја за соработка и поддршка од двете страни”, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната прва средба со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.
Амбасадорката Галовеј рече дека Обединетото Кралство силно ја поддржуваше Северна Македонија на патот кон НАТО, а по зачленувањето во Алијансата, соработката меѓу двете земји во повеќе области, а особено во областа на одбраната, се продлабочи. Таа соработка во иднина нема да загуби од своето темпо, порача Галовеј.
Извор и фото: Министерство за одбрана