Зелено светло од анализите на водата на ХС „Злетовица“ – Штип пред пуштање на водата во системот – ММС
ММС

Објавено на: 01/27/22 12:12 PM

Зелено светло од анализите на водата на ХС „Злетовица“ – Штип пред пуштање на водата во системот

Квалитетна и исправна е водата од ХС „Злетовица“, потврдено е од Институт од Белград, каде се работеа анализите испратени од Институтот за јавно здравје, каде поради неисправен апарат, водата беше испратена во соседна Србија. Ова вчера од советничката говорница го соопшти Вишна Шорова од Општината Штип, која информираше и дека реновираниот дел од филтер станицата е подготвен за редовна работа. Советниците едногласно го усвоија предлогот, со што е остранета и последната техничка пречка за преземање на водата од „Злетовица“.

-Со преадаптација на филтер станицата е овозможено да се примат водите од „Злетовица“,  со што Штип ќе стане корисник на водата. Во моментот водоснабдувањето се одвива преку три пумпи од бунарскиот систем во реката Брегалница за водоснабдување на Општина Штип, што трошат многу електрична енергија, а знаете дека цената е многу покачена во однос на досегашната. Од тие причини треба итно да се предаде адаптираниот дел, рече Шорова.

Како што соопшти Шорова, веќе неофицијално е добиено позитивно мислење за квалитетот на водата од „Злетовица“, ги чекаат официјалните резултати.

Советниците едногласно ја донесоа одлуката, со која се става во употреба реконструираната филтер станица во Штип. Советниците од СДСМ побараа на некоја од наредната седница да добијат финансиска анализа за тоа што ќе значи употребата на водата од Злетовица.

-Затоа што на минатата седница, директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков кажа дека претпријатието е во длабока криза. И второ да се излезе со информации за квалитетот на водата, иако знам дека е од највисок квалитет, затоа што пет години поминав со јапонските експерти, кои имаат студија дека водата е перфектна, наспроти секаквите приказни, рече од говорницата, советникот Иван Бојаџиски.

Неделава ЈП „Исар“ и ХС „Злетовица“ потпишаа договор за користење на водата од хидросистемот. До сега траеше тест периодот, кој покажа дека без никаков проблем може да се внесе водата во водоводот на Штип. Останува и официјално да стигнат последните резултати од Белград, по што Агенцијата за храна и ветеринарство ја издава употребната дозвола на водата.

Со тоа, Штип ќе стане третата и најголемата општина од регионот која се приклучува кон „Злетовица“.