Изборот за граѓаните е голем, историската крстосница е огромна, не дали го цениме градоначалникот или Владата, на 30 септември не гласаме за партија и ако не се издигнеме над сево ова, ќе бидеме многу неодговорни – рече министерот за надворешни работи Никола Димитров при денешната посета на Крива Паланка. Според него, членството во НАТО значи да се предвиди што можат инвеститорите да очекуваат во наредните пет до 10 години, зголемување на парите што и’ се достапни на Македонија, а придобивка ќе имаат и земјоделците чии приходи пред и по членството во ЕУ се зголемуваат за 70 отсто.
-Поминаа 27 години и една цела генерација остана во заложништво, а младите за жал, ја бараат европската иднина со туѓ пасош и одат надвор. Ако сме одговорни треба Македонија да ја направиме европска,да има работа и во нашите граници, во нашите градови и села. Тоа е изборот што треба да го направиме на 30 септември, да се издигнеме и да расправаме кој е поефикасен, почесен, кој има покреативни визии, она што навистина им е потребно на граѓаните. Да не расправаме за ова, бидејќи не знам кога и дали ќе има друг воз, а од сите нас зависи иднината на Македонија и иднината на нашите граѓани, потенцира Димитров.
Димитров се осврна и на се’ уште необјавениот став на лидерот на најголемата опозициска партија околу гласањето за референдумот.
За опозицијата и понатаму договорот е капитулантски, а овој став ВМРО-ДПМНЕ го повтори и во текот на денешниот ден преку повеќе пишани соопштенија каде според нив,со таканаречениот договор од Преспа, Заев и неговата влада се откажале од македонското име, јазик, идентитет, историја и култура како и македонското малцинство во соседството. Договорот со Грција, според ВМРО-ДПМНЕ, не отвора никакви перспективи за Македонија и македонските граѓани, напротив, според партијата, тој ќе стане само уште една пречка исправена пред македонските евроатлантски интеграции. Со членот 8 од договорот, Грција добива правна алатка за блокирање на македонските евроатлантски интеграции кога и да посака – велат од најголемата опозициска партија.
Билјана Тошевски