Од 7.00 часот утрово патничкиот и товарниот железнички сообраќај е во прекин, поради бојкот на машинскиот и извршниот персонал во „Железници – Транспорт”.
Како што изјави за МИА Душко Чакаровски, претставник на машинскиот персонал, причина за бојкотот е неисплатениот втор дел од декемвриската плата.
Тој се повика на Одлуката од 2 ноември 2021 година, според која, машинскиот и извршниот персонал нема да ги извршува работите ако платата за претходниот месец не биде во целост исплатена до 25-ти во тековниот месец.
– Се повикуваме на оваа Одлука и поради тоа не ги извршуваме работите. Веднаш ќе продолжиме со работа кога ќе ни се исплати вториот дел од декемвриската плата, нагласи Чакаровски.
Тони Димовски, пак, кој исто така е претставник на машинскиот персонал, кусо одговори дека се во тек „разговори и преговори околу барањето”.
Согласно Одлуката од ноември, машинскиот и извршниот персонал во Железници – Транспорт бара и исплата на материјалните трошоци до 10-ти во тековниот месец.
Прекин на железничкиот патнички и товарен сообраќај имаше и на почетокот на август, како и во ноември 2021 година. Ниту тогаш, ниту денес патниците на кои возот им е единствено средство за превоз и набавка на прехранбени продукти, не беа предупредени од Македонски железници, па некои од нив се уште се на постојките и се смрзнуваат додека чекаат некој да дојде со автомобил да ги превезе до Скопје, а потоа оттаму со автобус до Велес.
– Нема никаква одговорност кон патниците иако МЖ е јавен сервис и работи со пари на граѓаните.Чекаме на станица среде дивина на која нема постојка за да не заштити од дожд, сонце или снег и го очекуваме возот во секој момент. А, возот го нема затоа што никој не ни кажал дека нема да сообраќа тој ден поради штрајкот. И бараме превоз до Скопје, па оттаму за Велес, а тоа чини време, пари и нервоза. Додека ние мрзнеме во 21 век, политичарите се препукуваат кој што направил или не направил, а не разбираат дека студот за сите е ист. Кога ќе почнат повторно да возат, треба да застанеме пред возот и да му речеме, е сега нас не ни се вози и ќе протестираме ненајавено – револтирано рече патникот за ММС одговарајќи на прашања поврзани со студот во незагреаните кинески возови, 48 часа пред да стапи на сила бојкотот на машиновозачите.
О.К.