Командирот на штипската ТППЕ, стана општински курир – ММС
ММС

Објавено на: 01/26/22 3:27 PM

Командирот на штипската ТППЕ, стана општински курир

Прво дисциплинска постапка, па решение за курир во Општината. Досегашниот командир на штипската ТППЕ, Тони Атанасов доби ново работни место, курир.

„После дисциплинската постапка за командирот на ТППЕ Штип, со која не ја остварија целта затоа што беше тенденциозна и неиздржана, револтирани преминаа кон друга одмаздничка постапка, со што денеска добил решение за распределба на работно место – курир во Општина Штип., “ реагираше денес на прес-конференција советничката група на СДСМ .

Повод за реакција беше и усвоениот план за вработување за 2022 на денешната седницата на Советот. Тие реагираат на вработување на партиски послушници, за закани, уцени, реваншизам, за што го обвинуваат штипскиот градоначалник Иван Јорданов. Го прашаа, зошто кога најавил дека на штета на граѓаните нема да асфалтира улици и патишта, сега  планира да вработи дополнителни лица во општината?

„Наместо новата иднина за Штип која градоначалник Јорданов ја најавуваше, тој само не’ навраќа во режимското и одмаздничкото време, како што тие најдобро знаат и умеат,“ кажа на денешната пред-конференција советникот на СДСМ, Трајче Стојчевски.

На прес-конференцијата на СДСМ, реагираа и од општината.

„Територијалната противпожарна единица до сега беше раководена на незаконски начин, со незаконско решение, затоа Општината формираше Комисија за да ја утврди состојбата и да се исправи длогогодишната неправда која случуваше таму, а беше посочена од Независниот синдикат на пожарникари. Со ова можеме да резимираме дека обидите за оцрнување на процесите кои ги враќаат законските прописи на врвот од агендата на локалната самоуправа нема да имаат позитивен одзив во јавноста.“ се вели во информацијата од општината.

Во врска со планот за вработувања, од општината велат дека всушност, наместо 12 лица, колку што било предвидено од претходниот градоначалник со измените ќе имало само шест вработувања.

„ Првичниот план за вработување на Општина Штип, изготвен од претходниот Градоначалник имаше предвидено дури 12 нови вработувања, додека со новите измени на истиот, се намалуваат на 6, со што се укинуваат претходно планирани места за вработување,“ се додава во образложението.