Општина Велес со цел да ги стимулира правните и физичките лица за сопствено учество во подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух објавува Јавен повик за доделување на садници и кој ќе се реализира по принципот прв дојден, прв услужен.
Право на учество на Јавниот повик имаа физички лица – жители на општината кои склучиле брак во тековната година, добиле новороденче, посвоиле дете, вдомиле бездомно животно, купиле/изградиле станбен објект или добиле признание за својата работа или учење од локални, државни или меѓународни институции во тековната година.
Право на едно дрвце имаат граѓаните за склучен брак, за секое новороденче, за вдомено животно, а за купен објект или државно признание добиваат пет садници.
Но, очигледно многу малку граѓани биле заинтересирани да го подобрат квалитетот на воздухот или пак мотивацијата од еден садник не им била доволна затоа што досега само 13 баратели се јавиле на јавниот повик и им биле доделени 48 садници.
По десет садници добиле две правни лица врз основа на одобрен Елаборат за заштита на животната средина. На тројца сопственици кои купиле станови им се доделени по пет садници, а на еден граѓанин му биле доделени десет дрвца затоа што приложил документација за вакцинирани бездомни животни. На тројца граѓани,пк, им е доделено по едно дрвце за новороденче и за склучен брак.
Не е познато дали со овие 48 садници ќе се подобри квалитетот на амбиентниот воздух во градот после конкурсот, но документацијата при аплицирање чини повеќе од садникот.
ММС испрати прашања до општина Велес дали и колку таа мерка ќе ги „стимулира“ граѓаните да си купат нов стан или куќа, да склучат нов брак или да вдомат животно. Исто така ММС праша зошто општината не им доделува садници и на граѓаните кои поднеле барање за развод и дали на тој начин се дискриминирани, но поради се поголемите бројки на разводи отколку склучени бракови. Од општината не се потрудија да одговорат ниту на првите прашања, ниту,пак, на вторите прашања се до објавувањето на текстот.
Идејата за стимулација на жителите не е новина во Велес. Слични вакви, но и далеку попримамливи акции организираа и други општини во државава, секоја според своите потреби.
За разлика од Велес каде што бракот се стимулира со едно дрвце, малата и сиромашна општина Конче го стимулира заедничкиот живот со ваучер од 100.000 денари! Но, понудата не важи за секој граѓанин, туку само за оние лица над 35 години кои првпат ќе склучат брак во 2022 година и кои живеат во општина Конче најмалку три години.
Среќници беа брачниот пар Манчеви добија 100.000 денари од Општина Конче. Ваучерот на оваа млада брачна двојка, Снежана и Новица Манчеви им го предаде градоначалникот на Општина Конче, Златко Ристов.
„ Нека им е со среќа на Снежана и Новица Манчеви. Нека се вечни и вековити од Бога благословени,“ им посака Ристов. Оваа програма предвидува и еднократна помош од 10.000 денари за прво новороденче, 20.000 за второ и 30.000 денари за трето дете. Целта на оваа програма е стимулирање на младите лица да останат во рамките на населените места во оваа општина како зголемување на наталитетот.
Оваа пракса на стимулирање на демографскиот раст, семејството и животната средина ја почнаа општините Свети Николе и Лозово уште во 2014 година.
Во општина Лозово советниците донесоа одлука да доделување по 20.000 денари за сите ергени и немажени девојки од општината доколку одлучат да стапат во брак. Одлуката се однесуваше на ергените над 40 години и на девојките над 35 години.
Тогаш одлуката ја поддржа и бизнисменот Благој Механџиски кој на идните младоженци им вети 50.000 денари помош за опремување на бања, 50 литри ракија и 100 литри вино ако прават свадба.
Орце Костов
Фото: Фејсбук/Општина Велес