За хаосот на автопатот „Атики Одос“, што ги поврзува атинските предградија, каде што возачи и по 12 часа останаа заглавени во нивните автомобили, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис им се извини на граѓаните и рече дека одговорноста е на приватната компанија- концесионер. Затоа возачите ќе добијат отштета од 2.000 евра.
„Сакам да започнам извинувајќи им се лично и искрено на нашите сограѓани кои со часови страдаа заглавени на автопатот „Атики Одос“, рече тој на почетокот од денешната вонредна владина седница, осврнувајќи се на проблемите предизвикани од снегот и коментирајќи дека постоеле пропусти и недостатоци, а државниот механизам сè уште не целосно подготвен, јави МИА.
„Снегот можеби дојде малку побрзо од она што го предвидоа метеоролозите, но не, нема да се повикам на тоа како изговор. Имаше пропусти и недостатоци кои треба да се коригираат. Го формиравме новото Министерство за климатски кризи. Јас ќе продолжам да го поддржувам овој избор, зајакнувајќи ги уште повеќе неговите структури и капацитети, работењето на министерството да стане поефикасно“, истакна Мицотакис.
Тој призна дека проблеми немаше само на конкретниот автопат, туку и на централните улици и булевари во поширокиот регион на Атина.
„Ако треба да извлечеме поука од неуспешното справување со ова снежно невреме е фактот што во услови на криза центрите, раководителите на сите сите структури мора да бидат заедно и веднаш да одлучуваат и да дејствуваат“, рече грчкиот премиер. Додаде дека во оваа насока ќе следат и промени за со управувањето со кризи во иднина да нема појави на недоразбирање, доцнење при одлуки и слично.