„До кога вака?“ – Минимални плати за максимални трошоци, остануваме на дното и со 18.000 денари минималец – ММС
ММС

Објавено на: 01/26/22 11:53 AM

„До кога вака?“ – Минимални плати за максимални трошоци, остануваме на дното и со 18.000 денари минималец

Додека Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) и Владата никако да го договорат тајмингот кога ќе седнат и договорат минималната плата да се зголеми од 15.000 на 18.000 денари, а ССМ во деновиве предупредува на генерален штрајк, состојбата со минималецот во поблиското соседство е многу подобра од нашата, а од европскиот просек сме уште подалеку.

Статистиките во регионот покажуваат дека, заедно со Албанија и Косово (213 евра и 130-170 евра), нашава држава има најниска минимална плата (244 евра). Кон крајот на минатата година владата на Србија одлучи да го зголеми минималецот на 276 евра. Хрватска од годинава се позиционира на 500 евра минимална плата, која е над 50 отсто од просечната нето-плата. Црна Гора ги усвои законските измени, според кој минималната заработувачка во земјата од јануари 2022 година ќе биде 450 евра. Според државната Агенција за статистика на БиХ, најниската плата е 257 евра, додека во Црна Гора е утврдена на 450 евра.
Во осум земји членки на ЕУ, според Евростат, минималната плата надминува илјада евра, а во десет е под 700 евра и тоа се сите земји од Централна и Источна Европа.
Најниски минимални плати има Бугарија (332 евра), Унгарија (442), Романија (458), Летонија (500), Хрватска (563), Чешка (579), Естонија (584), Полска (614), Словачка (623) и Литванија (642).
Во пете земји се движеа од 700 до 1.100 евра: Грција (758), Португалија (776), Малта (785), Словенија (1.024) и Шпанија (1.108).
Највисок минимум во ЕУ имаат: Франција (1.555 евра), Германија (1.614), Белгија (1.626), Холандија (1.685), Ирска (1.724) и Луксембург (2.202),

ССМ бара зголемувањето на минималецот на 18.000 денари поради растот на животните трошоци и таа да се утврдува на нивото од 60 отсто од просечната плата во државава. Според пресметки на ССМ, вредноста на минималната кошничка за едно четиричлено семејство постојано расте и таа лани во декември изнесувала 35.042 денари, при што половината од сумата оди на сметки и храна.

„ССМ заедно со професори изработи студија за минималната плата и ефектите од истата. Резултатите покажуваат дека нема никаков негативен ефект од покачувањето врз работењето на фирмите. Не се отпуштаат вработените, не се намалува профитабилноста на фирмите и нема друг негативен ефект. Единствениот ефект што се забележува е дека, кога ќе се зголеми минималната плата, фирмите стануваат попродуктивни“, велат од ССМ, според кој, 110.000 вработени во државава примаат минималец.

фото: freepik

Минималната плата прв пат се воведе во 2012, кога беше донесен Законот за минимална плата. Тогаш таа изнесуваше 8.050 денари. Потоа во 2019 беше зголемена на 14.500 денари. Во меѓувреме со усогласувањето со трошоците на живот се искачи на 15 илјади денари.

„Ниту 15.000, ниту 18.000 денари нема да ми овозможат нормална живејачка. Иако работиме и јас и сопругот, нашите плати се под просечните, истие се веќе 10 години, а сите трошоци секојдневно растат. Секое одење на пазар или во маркет кесите се се попразни, а сме ги платиле многу поскапо од лани. Последната сметка за струја е двојно поголема од претходната. Не знам до кога вака. Преговори и штрајкови ништо не ми значат“, вели скопјанката В.М (48), мајка на две полнолетни деца, и додава дека по завршувањето на студиите, и двете деца се решени за заминат во странство, во потрага по подобар живот.

Маја Томиќ