Општина Гостивар: Вработувањата за образованието се кројат во седиштето на ДУИ – ММС
ММС

Објавено на: 09/5/18 4:13 PM

Општина Гостивар: Вработувањата за образованието се кројат во седиштето на ДУИ

Не престануваат обвинувањата во делот на образованието меѓу власта и опозицијата на локално ниво во Гостивар. Откако вчера директорите на гостиварските училишта, ја обвинија локалната власт поради состојбата со нивните школи, каде нема доволно кадар и се со блокирани жиро сметки, денес локалната власт обвини дека директно од ДУИ се поставувале кадри за директори на училишта.

Раководителката на Секторот за образование при Општина Гостивар, Аслиан Снопче обвини дека вработувањата на наставниот кадар директно се кроеле во партиското седиште на ДУИ, со „амин“ од министерот за оброзование. Снопче ги повика инспекциските служби да спроведат мерки.

Голем број училишта во Гостивар не можат нормално да го водат воспитно -образовниот процес, затоа што се без доволно наставен кадар. Во најлоша состојба се наоѓаат Гимназија и Основното училиште „Исмаил Ќемали“, кои поради блокирани жиро сметки, не можат да си купат ниту средства за хигиена.

Според гостиварската локална власт, учебната година почнала без пречки. Од општината информираа дека ќе се реши проблемот со блокираните жиро сметки, а до управите испратиле писмени дописи со препораки за постапување по ангажираните на определено време.

Инаку почетокот на учебната година во Гостивар беше неизвесна, затоа што голем број училишта беа исклучени од струја порад долгови, кои беа подмирени на крајот од месец август.

Проблемите во образованието се појавија откако Министерството за образование, му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Гостивар, Таравари.

 

Зоран Димовски