Просториите на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) ќе се чистат со 1,5 милиони евра во наредните шест месеци.
МВР склучи договори без тендер, „во четири очи“ со повеќе компании кои и претходно биле задолжени да ја одржуваат хигиената во просториите на МВР и АНБ на целата територија на државата.
Според образложението МВР не побарала ниту мислење од Бирото за јавни набавки, бидејќи законот им дозволувал, а набавките биле ургентни, бидејќи била загрозена и безбедноста на вработените и странките во просториите , имало и приведени лица со различен степен на здравствена состојба како и лаборатории за испитување крв, урина ДНК..
Ова следува откако Државната комисија за желби по јавни набавки им го поништила тендерот кој бил со Планот за набавки во 2020 година.
Образложението на МВР е следно:
„До склучување на нови договори во постапката која ќе следи МВР и АНБ мора да обезбедат континуирано и непречено одржување на хигиената во работните и други простории на МВР и АНБ каде меѓу работните простории за вработените како канцелариски простории, постојат и санитарни простории во кои покрај вработените ги користат и голем број на странки, простории како лаборатории за испитување на крв, урина, ДНК и други, простории за задржување на приведени лица со различен степен на здравствена состојба, магацини со осетливи и опасни материи, каде е недозволиво и опасно да не се одржува хигиената на дневно ниво, односно директно е загрозена безбедноста, животот и здравјето по вработените и странките“- стои во документот од МВР.
Од МВР нашле и законска можност како да спроведат набавки со преговарање без објавување на оглас, без претходно да побараат мислење од Бирото за јавни набавки. Се повикуваат на членови од законот кои овозможуваат тоа да го направат ако имаат писмени и усни дојави дека е загрозена безбедноста, здравјето и животот на луѓето.
„Од тие причини одговорните лица одлучија дека единствена законска можност за континуирано обезбедување на предметните услуги е согласно член 55 став 6 од Законот за јавни набавки, односно по исклучок на став 5 од член 55 договорниот орган нема обврска да добие претходно мислење пред да спроведе постапка со преговарање без претходно објавување оглас, врз основа на став 1 точка Г од член 55 доколку директно се загрозени безбедноста, животот и здравјето на луѓето, констатирано од бројни усни и писмени дојави од страна на организационите единици на договорните органи“- стои во одлуката за набавките.
Според објавите на Бирото за јавни набавки до сега се склучени петнаесетина договори со неколку фирми кои треба да ги чистат просториите на МВР и АНБ како во Скопје, така во Тетово, Охрид и други градови низ земјава. По неколку договори се склучени со компаниите „БАПАЛ Благој“, „Стед Комерц“, „Ланд Сервис“, Серта ДООЕЛ“, „Техно-Чист“, „Сити Логистик“. Најголемиот дел од колачот го добиваат две фирми и тоа „БАПАЛ Благој“ која настапила заедно со други фирми како и „Ланд Сервис“. Има неколку договори со „Ланд Сервис“ вкупно вредни над 638.000 евра и неколку со „Бапал Благој“ вредни 536.000 евра.
Инаку МВР и АНБ лани во јули склучија повеќе договори за одржување на хигиена вредни речиси 3,5 милиони евра со компаниите „ЛАНД Сервис“ и „Инфинити Клининг Груп“ која на овогодинешната набавка е во соработка со компанијата „БАПАЛ Благој“. Договорите се склучени за одржување на хигиена за во наредните две години оттогаш.
(А.С.)