Османи ја прифати поканата на Милошоски, ќе се појави пред Комисијата за надворешна политика во петок – ММС
ММС

Објавено на: 01/25/22 3:45 PM

Османи ја прифати поканата на Милошоски, ќе се појави пред Комисијата за надворешна политика во петок

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи ја прифати поканата од претседателот на Комисијата за надворешна политика и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски да присуствува на седница на комисијата.

“Ве известуваме дека МНР Бујар Османи го потврди присуството на Комисијата за надворешна политика на 28-ми јануари (петок). Одговорот е доставен до Претседателот на надлежната собраниска комисија“, потврдија од МНР.

Претходно Комисијата преку писмо побара од министерот за надворешни работи Бујар Османи да дојде пред Комисијата за надворешна политика во Собранието и да ни ги достави одговорите кои што македонската страна ги има испратено до официјална Софија за таканаречениот „план 5+1“.

Во писменото барање се предлага седницата да биде отворена за јавноста и да се одржи што е можно поскоро или од 26 јануари до 15 февруари годинава.

– Ова го бараме затоа што сметаме дека не е транспарентно и не е демократски доколку пратениците во софиското Собрание знаат она што македонските пратеници не го знаат и македонската јавност има право преку претставниците во Законодавниот дом да дознае за што се работи. Дали има нешто да се крие или има нешто да се разговара со сите пратеници, изјави Милошоски.

Ова барање, како што рече, го претставувам денес јавно и од една дополнителна причина, бидејќи министерот за надворешни работи Бујар Османи, иако е скаран со неговиот колега Никола Димитров, сепак минатиот декември покажа дека имаат исти навики.

– Минатиот декември, минатата година му доставивме барање да се обрати пред Комисијата за надворешна политика, но за жал го игнорираше и не се појави, а е негова законска обврска. Затоа сметам дека со порака преку јавноста, освен вака со писмено барање, ќе успееме да ги доведеме министрите во Собранието каде што имаат законска надлежност, да дадат отчет за нивната работа, а Собранието да биде надзор и контрола, нагласи Милошоски.

О.К.

фото: Влада на РСМ