Чествувањето на Водици Пецаков го чинеше кривична за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија – ММС
ММС

Објавено на: 01/25/22 2:28 PM

Чествувањето на Водици Пецаков го чинеше кривична за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија

Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков денеска доби кривична пријава поради „одбележувањето“ на празникот Водици. МВР против него поднесе кривична пријава за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, бидејќи градоначалникот не се самоизолирал откако направил тест и наместо да го чека резултатот, кој подоцна испадна позитивен, тој го чествуваше Водици на охридското крајбрежје со мноштво луѓе.

Кривична пријава доби и секретарот на општината, кој исто така се тестирал и добил позитивен резултат.

Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија", СВР Охрид до надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против К.П.(37) и А.К.(37), двајцата од Охрид. Пријавените, на 19.01.2022 година се тестирале за дијагностицирање на Корона вирус и, наместо во самоизолација, согласно одлуките за превентивни препораки за заштита на здравјето на населението од заразната болест, истиот ден, присуствувале на јавната верска манифестација по повод верскиот празник „Богојавление- Водици 2022 година" одржана во Охрид, наведуваат од МВР.

Пецаков поради оваа ситуација веќе една недела е тема на „препукувања“ меѓу двете најголеми политички партии. СДСМ побара тој да одговара за непочитување на протоколите и свесно ширење зараза, а ВМРО-ДПМНЕ, пак ,бранејќи го Пецаков рекоа дека СДСМ само се обидува да ја дефокусира јавноста од фактот дека со нивната неспособност убиле осум илјади луѓе, алудирајќи на починатите од ковид.

Матичната партија на Пецаков, но и самиот тој, најави дека ќе покрене постапки за клевета.

Пецаков се бранеше дека тестот го направил поради патување во странство, а не затоа што имал симптоми. По позитивниот тест на 19-ти, тој истакна дека направил уште еден, кој испаднал негативен. Според него станува збор за грешка во тестирањето, или пак како што вели, кујните на власта по своја потреба тоа така го фабрикувале.

– Нормално не бев во изолација, што би се случило доколку илјадници луѓе кои поради потреба за патување во странство би се изолирале чекајќи резултати? И секако не постои ниту еден пример кој се изолирал додека чекал резултати на ПЦР тест за странство, така што јас во текот на денот бев со охриѓани кои го славеа големиот христијански празник, вели Пецаков.

Од Министерството за здравство сепак се категорични дека валиден е позитивниот тест и секогаш кога има различни тестови, како во овој случај со уште еден негативен веднаш потоа, како валиден се смета позитивниот.

Пецаков според законската одредба, требало да остане во изолација додека го чека резултатот од тестот за ковид.