Неколку билатерални договори за соработка во различни области потпишаа денеска ресорните министри во рамки на заедничката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија, која се одржува во Софија.
Како што јави известувачот на МИА од Софија, министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и Николај Сабев потпишаа два документа со кои се зајакнува инфраструктурното поврзување меѓу двете земји – за железничкиот Коридор 8 и за директната авио-линија Софија – Скопје.
Директната авиолинија, бугарскиот премиер Петков ја најави уште за време на посетата на Скопје, нагласувајќи дека во период од еден месец ќе се направат сите анализи и проценки, а веќе за 60 овој проект ќе биде реализиран.
Во однос на мерливите критериуми за успешност на дијалогот не само за работните групи, туку и за политичките прашања, премиерот Ковачевски изјави дека критериум за успешност е доколку идната недела веќе имаме оператори од Софија да дојдат во Скопје или обратно каде што ќе разговараат за најекономски одржливата економска авиолинија, која би се воспоставила и би почнала со летови од 1 март. Критериум за успешност во инфраструктурата е доколку до 2023 година 13 километри од патот се направи до граничниот премин Клепало и тој се отвори и тоа е критериум за успешност, изјави Ковачевски.
Бочварски претходно изјави дека ќе се бара компанија која ќе спроведува исплатливи рути, како на пример Скопје-Софија-Атина, со цел да се избегне нејзино субвенционирање.
Се споменува бугарската компанија „Гуливер”, како и тоа дека станува збор за нискобуџетни летови кои понатаму ќе прават примамлива интерконекција за летови за Канада и САД, но Бочварски не наведува конкретни имиња и вели дека се отворени сите опции. Нагласува дека прво ќе разговара со оператори коишто треба да имаат финансиска исплатливост.
Бочварски и Сабев денеска во Софија потпишаа и Меморандум за либерализација на стоки за и од трети земји.
текст и фото: МИА